Мегафон

Отворање на „Есенски музички свечености“ со концерт на Камерниот оркестар „БА-РОК“

Отворање на „Есенски музички свечености“ со концерт на Камерниот оркестар „БА-РОК“

Со концерт на Камерниот оркестар „БА–РОК“ вечерва, 4-ти ноември 2022 година во фоајето на Националната опера и балет со почеток во 20:30 часот, свечено ќе биде отворено годинашното издание на манифестацијата „Есенски музички свечености“ 2022.

Камерниот оркестар е во состав Климент Тодоровски, Јане Бекевски – виолини, Марија Георгиева – виола, Кирил Јосифов – виолончело, Митко Иванов – контрабас, Марија Јакимовска – Флејта / пиколо, Татијана Петрушевска и Ѓорѓи Петрушевски – обои, Марјан Милошевски – фагот, Теодор Теодосиевски – ударалки.

Како солисти ќе настапат Биљана Јосифов – сопран, Николина Јаневска – мецосопран и Драган Ампов – баритон. Диригент и чембалист е Иван Еминовиќ, а режисер е Љупка Јакимовска.

На програмата се дела од Ж.Ф. Рамо, Хендел, Бах и Вивалди, а ќе бидат изведени и ариите на Клеопатра од операта „ Јулие Цезар “, на Гризелда од истоимената опера и терцет од операта „Монтезума“, како и Свитата „Les IndesGalantes“.
Членовите на ансамблот „БА-РОК“ својот прв заеднички настап го имаа на Мајските Оперски Вечери 2021 година во продукција на Националната Опера и Балет со претставата „ Игри на животот“ на која се изведе музика исклучиво од Барокот. Од таму произлезе идејата да продолжат да дејствуваат како ансамбл негувајќи ја Барокната музика, имајќи ја во предвид раритетноста на изведување на ваков музички стил во Северна Македонија.

-Самата комплексност на Барокниот стил, бара од изведувачите голема виртуозност и висок професионализам, што е одлика на сите членови од ансамблот. Секој член на ансамблот е солист во оркестарот, нашите пејачи се носители на главни улоги во повеќето оперски претстави на сцената на НОБ. Предводени од нашиот диригент Маестро Иван Еминовиќ кој ја зазема и позицијата на чембалист во ансамблот и добро организирани од страна на професионален режисер се стремиме да ги достигнеме светските трендови и критериуми за изведба на исклучителен Барокен перформанс. Преку пристапот и начинот на изведба ќе се обидеме да го воздигнеме програмското и изведувачко ниво, а со тоа, да понудиме можност и да разбудиме интерес кај публиката за градење на свој вкус и категоризација на уметноста со високи вредности, наведуваат од ансамблот.