Мегафон

Од 4 до 6 август во Галичник ќе се одржи „Галичник филм фестивал 2023“

Од 4 до 6 август во Галичник ќе се одржи „Галичник филм фестивал 2023“

Во Галичник од 4 до 6 август ќе се одржува Галичник Филм Фестивал со прикажување на разновиден избор на филмови од светската кинематографија, работилници и мастер класови. Фестивалот полека, но сигурно станува значајна платформа за филмаџиите и љубителите на филмот, привлекувајќи учесници и гледачи од земјата, регионот и пошироко.

Како што е најавено, на овогодинешниот, четврти по ред Галичник Филм Фестивал ќе бидат прикажани 33 краткометражни филмови во 3 натпреварувачки категории, како и ревијалниот долгометражен филм „Нешто слатко“ со Сашко Коцев и Јелена Јованова во главните улоги, кој ќе биде прикажан на затворањето на фестивалот.

Покрај филмските проекции, фестивалот е домаќин и на различни работилници, разговори и мастер класови, поттикнувајќи збогатена средина за размена на идеи и стекнување на знаења за учесниците, како и контакти меѓу професионалците од индустријата и аспиранти филмаџии.

Дејан Дуковски ќе ја предводи Балканската сценаристичка работилница, а на Андреј Волкашин ќе му припадне Мастер класот за разработување на ТВ серии.

Овогодинешното жири на Галичник Филм Фестивал го сочинуваат Сашко Коцев, Георги Унковски и Елена Станишева.

Фестивалот е во организација на Дарма филм, со поддршка на Месна заедница Галичник.

Останати вести од Мегафон