Мегафон

Објавен седмиот графички роман Стармен – Годините на Дејвид Боуви како Зиги Стардаст

Објавен седмиот графички роман Стармен – Годините на Дејвид Боуви како Зиги Стардаст

Издавачот Бункер, во рамките на едицијата Апслоутни почетници, го објави седмиот графички роман Стармен – Годините на Дејвид Боуви како Зиги Стардаст, од германскиот автор и цртач Рајнхард Клајст.

Зиги Стардаст е измислен лик создаден од Дејвид Боуви (името Зиги е земено од кројачки дуќан, кој Боуви го има приметено додека патувал со воз). Тој е рокенрол вонземјанин испратен на Земјата да ја пренесе пораката на надеж, во последните пет години од нејзиното постоење… 1972 година го означува раѓањето на овој рокенрол месија, чии провокативни настапи му го донесоа на Дејвид Боуви статусот на водечка светска музичка ѕвезда, поосчуваат од Бункер. Графичкиот роман Стармен раскажува за подемот и падот на, веројатно,најпознатото алтер его во музичката историја. Во него, авторот Рајнхард Клајст, ги испреплетува судбините на ексцентричниот фиктивен лик и Дејвид Боуви, од раните неуспешни денови на лондонската музичка сцена, до борбата со својата креација на врвот од славата. Рајнхард Клајст е реномиран германски стрип-автор. Преведуван е на повеќе јазици, а неговите дела освоиле некои од најпрестижните награди.

Графичкиот роман Cash I see a darkness (биографија на уште една музичка икона Џони Кеш), на пример, е номиниран за двете најпрестижни американски стрип награди Ајзнер и Харви. Истото дело, како и графичкиот роман Боксерот беа прогласени за најдобар стрип на германски јазик во годините на нивното објавување. За Боксерот, Клајст, како прв домашен стрип-автор, ја доби Германската награда за литература за млади. Бункер, исто така, го има објавено и неговиот графички роман Олимписки сон – Приказната на Самија Јусуф Омар кој ја освои Густав-Хајнеман наградата за мир. Стармен, претставува круна на досегашна кариера на Рајнхард Клајст.

Објавувањето на графичкиот роман на македонски јазик го поддржа Министерството за култура. Преводот од германски јазик е на Симона Мирчевска, а предговорот го напиша Игор Анѓелков. Дизајнот, типографијата и подготовката за печат се на Ласко Ѓуровски, Тотем.