Мегафон
изданија

„Not for Сале“- прв самостоен албум на Сашко Николовски, во издание на ЗЏМ Рекордс

„Not for Сале“- прв самостоен албум на Сашко Николовски, во издание на ЗЏМ Рекордс

Здружението на џез музичари денеска ја најави промоцијата на новото албумско издание на ЗЏМ
Рекордс.

Се работи за првиот самостоен албум на нашиот долгогодишен член и колега Сашко
Николовски, кој на ова издание е композитор, аранжер и тромбонист.
Албумот носи наслов | Not for Сале | и на него се наоѓаат осум композиции, инспирирани од
класичните и модерни текови на џезот. На него свират дел од најпрепознатливите имиња на домашната џез сцена, велат од ЗЏМ.

Сашко Николовски е наш еминентен музичар, кој долги години твори и настапува на домашната и странската сцена. Ова негов прв самостоен албум.

Овој мој прв албум носи осум композиции, шест од нив се скоро создадени, две се со постар датум. Самото создавање на композициите беше интересно за мене бидејќи 35 години сум активен на сцена како репродуктивец. Низ годиниве сум се занимавал и со авторство, во смисла аранжирање на помали и поголеми состави, но ова е прв пат да излезе нешто од мојата авторска лабораторија. Беше возбудливо, забавно и крајно интересно да се оформи овој албум во својата крајна форма, а тоа е да се измузицира, ни рече Николовски.

Албумот е снимен во студиото „Алшар“ кај Ивица Јанкуловски за кого вели дека имале прекрасна соработка.

Работевме неколку денови. Снимен е од прв „тејк“, да се изразам со музички жаргон. Снимен е во живо, истовремено свират сите музичари и тоа ми беше намерата. Одредени мали зафати се едитирани, но во огромен дел композициите звучат онака како што е отсвирено во живо. Таа авантура што ја направивме во октомври доби свој епилог и мислам дека албумот ќе има свој живот, раскажува Николовски.

Концертната промоција е закажана за во среда 14 декември и поканети се сите љубители на музичката уметност да ја проследат.

Следната година можно е да се промовира албумот и на некои фестивали. Годините досега поминаа во репродукција, кога како музичар сум бил дел од разни вакви албуми или друг вид настани. Ова е нешто што е ново за мене и целата авантура, возбудата која ме следеше додека ја создавав музиката е едно, но кога ќе се извади пред музичарите и ќе се стават нотите на пулт создава нешто што практично го потврдува она што како интима го имаш во себе. Ова е сублимат на се она што сум го чувал во моите фолдери во главата долги години, сега излезе и мошне сум задоволен од резултатот, ни рече Николовски.