Ништо лично
ништо лично

Со прстот в уста!

Со прстот в уста!

30 септември полека се ближи. Доаѓа денот „Д“ , судниот ден за Македонија, денот на одлука за македонскиот народ, за хамлетовската разрешница: „Да се биде или не“?

СДС наголемо тера кампања – „ЗА“ референдум! Од неубедливи говори, до ступидни билборди, секојдневно фрчат пароли и повици да се излезе и гласа –  за! Како оној последниот, дека по успешен Референдум низ цела Европа ќе сме се лечеле гратис!? Тој што го смислил гарантирано не бил ни до Халкидики на одмор, а камо ли подалеку? Во Европа и да кивнеш на улица ќе ти наплатат под изговор дека ја загадуваш околината, шириш бацили и си потенцијален извор на зараза, а не да ти дозволат бесплатно лечење! Дефинитивно, оној што го смислил ова е  ЗА… И „ЗА“ референдум и ЗА…  „лечење“!

Агитаторите на владината референдумска кампања почнаа и по  куќи и станови да одат,  од врата на врата… Таканаречените „невладини“ со кесенца в рака, а во нив памфлет, пенкалце и запакла со парола и повик – гласај ЗА! Бетер од изборна кампања! Таму барем знаеш чии ти тропнале на порта! Овие „се фолираат“ дека се самосвесни, самоорганизирани, со самоиницијатива за пропагирање… „невладини“?! И мислат дека некој уште им верува во она, за што се претставуваат?

Премиерот пак, сакајќи да поентира, „да даде гол“, секој ден си дава по некој „автогол“!  При еден од последните говори „големиот оратор“ признава дека е неспособен и нема работни манири, па му треба некој со камшик да виси над него и да му кажува што треба, а што не треба да прави? Тоа ли е капацитет самостојно да се управува и води суверена држава?

И опозицијата конечно го објави својот став. Секој граѓанин на 30 септември да си одлучи самиот како ќе се однесува. Ќе излезе или не, и ако излезе, како ќе гласа! Избор по сопствено убедување. Секој паметен ќе сфати што сакале да кажат. Пораката е испратена… меѓу редови!

Јасно е дека притисокот е голем, пресијата неподнослива, а подготвени се и алтернативните методи власта да си го протурка она што го наумила со сесрдна поддршка на оние од ЕУ и НАТО, ако не преку референдум, тогаш инстутиционално. На власта нема да и биде сеедно ако референдумот пропадне, ама со тоа не планираат да им пропадне и договорот со Грција. Ќе си го протуркаат на „мала врата“, како што го протуркаа парламентот, спикерот… И во собраниското бифе ако треба, ќе го ратификуваат!

А на македонскиот народ со сменето име и корени што одат во пакет со „пактот со ѓаволот“, токму „адвокатите на ѓаволот“ ќе го лажат и ќе му ветуваат дека е на чекор пред влезот на „рајските порти“ на НАТО и ЕУ. Па дури и да има трошка вистина во нивните „евтини приказни“, повеќе од јасно е дека Македонецот и овој пат, на ова најново историско распетие ќе остане „со прстот в уста“. Ем излажан, ем за*бан!

Можеби на тоа најдобро асоцира една мисла на познатиот српски актер и режисер Драган Бјелогрлиќ („Сенки над Балканот“), која важи колку за северниот сосед, исто толку и за нас, како земји кои ги третираат како слепо црево на Западен Балкан:

Нашиот влез во ЕУ сега е како кога ќе дојдеш на журка во 5 часот наутро. Сите најдобри ‘риби’ веќе си заминале и нема ни пијалок. Ние сме, за жал, тие кои доаѓаат на журката во 5 наутро. Журката наголемо замира, а ние влегуваме полни со ентузијазам“!

Само што додека дојде време нас Македонците не поканат на „журка“, ќе го снема и „станот“, во кој журката некогаш се правела!