Ништо лично
„северин“ на годината

Никола Димитров – маже со стил: „Подобро згоден, отколку паметен!

Никола Димитров – маже со стил: „Подобро згоден, отколку паметен!

Македонија го бираше својот маж на годината за 2018 година на нстанот во организација на Friday.mk и  агенцијата за организирање на настани Моментум. На гала вечерта која се одржа во Тренд гастро бар, присуствуваа само „избрани“ јавни лица од бизнис секторот, политиката, естрадата, телевизијата,  јавниот живот… Меѓу нив и наградените 10 најуспешни мажи во Македонија за 2018 година.

По кој критериум се избираа, кој тоа ги избираше, кои беа пропозициите и правилата на играта… знаат само  „одбраните“! И оние што ги избираа и оние што беа избрани… И да делат и да добијат награди и да бидат поканети на гала вечерта. Затворен круг, за мала група… „одбрани“! Ама ако! Во прашање е впрочем, приватна журка, па можат да си се канат, одбираат и избираат како сакаат… или кој кого сака!

Меѓу избраната „машка елита“ на годината, лауреати од разни фели: од бизнисмени, преку ТВ водители до политичари… Наградени за маж со трајни вредности, маж за најголем придонес во општеството, маж -менаџер, маж – најмлад менаџер, маж странец во Македонија, најмаж на социјалните мрежи… и сл.

А, меѓу сите избрани, избран и тој – министерот за надворешни работи на Република Македонија… или Северна ќе да беше според него, Никола Димитров! И тоа избран за маж со најдобар стил!

Ај што бил со стил, па уште „скромно момче“ министерот да ти бил.  Затоа ни срам ни перде, па се испофали на социјалните мрежи со статус дека добил награда, па личниот Фејсбук профил го преплави со фалби за својот стил.

„Подобро згоден, отколку паметен, се тешев вчера пред колегите. Само што наградата не е за згоден, туку за маж со најдобар стил, ми велат. Кога отидов на настанот, видов едно чудо подотерани од мене. Веројатно жирито избирало меѓу мажи политичари. Е сега за стил меѓу нив, што е право, право си е, не сум лош 😊“ !

Ама барем „мажот со стил“ си е искрен. И тоа уште во првата реченица: „Подобро згоден, отколку паметен, се тешев вчера пред колегите…“. Навистина утешитилно. Особено за еден министер!

Само кој ќе не утеши нас, овој народ и оваа земја од „политичката памет“ и стилот со кој заедно со Заев и останата владеачка свита „мажиштето со стил“ го „продаде“ името на татковината? Наша, а белким и негова? Кај му беше тука стилот? Или тогаш стилот политички го сведе на поданички или предавнички,  барем така смета мнозинството од народот, како што и на Референдумот се покажа? Или таму стилот не беше важен, важно беше да се протурка она што треба да се одработи?! Па, колатерална штета во секоја „одработена работа“ мора да има, ако е за утеха!?

Кај стилот – „згодноќата и паметта“, а кај тоа за што при здрава памет ниту еден политичар не би требало да го направи, колатерална штета е државата и нејзиниот народ. Во случајов Македонија и Македонскиот…

Здравје, ајде можеби догодина министерот пак ќе биде награден… Овој пат белким со збирна награда: За најмаж со политичко-менаџерски способности, маж кој со стилот со кој го менаџираше процесот за промена на името на државата заслужува и награда за маж со трајни вредности за најголем придонес во општеството…

Тогаш веројатно ќе бидеме и Северна, па се поразбира дека на оваа награда природно и се надоврзува и наградата за најмаж – странец во сопствената земја, како и онаа за маж на годината на социјалните мрежи за која уште отсега самиот се кандидираше со своите самобендисани статуси на скромност!

Со еден збор, догодина кандидирајте го Димитров за „Северин“ на годината!

Фото: Фактор/ Фејсбук принтскрин