Ништо лично
ништо лично

Не е Заев единствениот „квислинг“? (ФОТО)

Не е Заев единствениот „квислинг“? (ФОТО)

Скандалозното и срамно интервју на премиерот Зоран Заев ја крена македонската јавност на нозе… Најпрвин огорченоста, гневот, револтот, гадењето од „велепредавството“ кон сопствениот народ и историја илјадници го искажаа на социјалните мрежи. Медиумите ја пренесоа веста, секој на свој начи со своја нота на острина или умереност, во зависност од тоа „кој чиј е“, а опозицијата експресно реагираше. Најпрвин вербално и написмено, со соопштенија, негодување, напади и осуди на „срамниот предавнички чин“ на Заев, а потоа предводена од ВМРО-ДПМНЕ и со протестна автомобилска рута, од СЦ Борис Трајковски до пред Владата на Република Македонија, каде спонтано се собраа и голем број граѓани на престолнината.

Она што најмногу боли, што е длабока навреда на националните чувства, негирањето на својата историја, на она за што илјадници македонските синови и ќерки, деца, таковци, дедовци… ги положија своите животи да биде негирано, извртено, извитоперено, фалсификувано е фактот што доаѓа од дома. Во неко други времиња со нив би било поинаку, вака… А, дека срамната понизност ги помина црвените линии бргу сфатија и некои од највисоките партиски или државни челници од Заевата СДСМ.

Еден од нејзините основачи, долгогодишен неприскосновен лидер, екс премиер и претседател на Република Македонија ја шокираше јавноста со своето појавување од долгогодишната сенка и јавно несогласување и осуда со искажаните ставови на Заев по повод „бугарското прашање“ и како актуелен премиер и како сегашен лидер на неговата партија. Токму затоа Црвенковски јавно се огради, го повика и членството да се огради од зборовите на лидерот и го замрзна своето членство во партијата.

Слично, само во малку позавиткана, подипломатска форма се понесе и актуелниот македонски претседател, избран од редовите на СДСМ, Стево Пендаровски. Ограда во обланда, несоласување во ракавици, со Зоран Заев и неговите ставови, ама оние кои умеат да го тумачат дипломатскиот речник, јасно им е дека Пендаровски ни оддалеку не размислува како Заев.

И кога секој нормален, секој чесен Македонец и сите останати што живеат на ова македонско парче земја сфатија дека дека некој на сметка на личните, на приватните, ги „распродава“ државните националните интереси на земјата и тргува со крваво стекнатите придобивки од антифашистичката, народно-ослободителна борба, уште еднаш се покажа дека овде, во ова наше општество, дефинитивно се провлекува „фабричка грешка“. Вирус, кој е многу поопасен и од короната со која паралелно се бориме и од било кој друг што до сега се појавил. Вирус со кој се заразени многумина, вирус кој ги заслепува, им ги затвора не само очите туку и умот, па не гледаат и не мислат што прават, што говорат, што пишуваат, кого поддржуваат…

Впрочем, „македонскиот фелер“  наречен: едниот – војвода, другиот – комита, третиот – шпион, оддамна е познат. Заради него млади ги губеа животите најголемите, најумните и најхрабри македонски синови… Тогаш предадени и продадени за две-три златни лири, денес за два-три тендера… Или дватриесет милиончиња во евра, ако не и многу повеќе, за малкумина, а ситни бенефиции, мала добивка или трошка ќар, за повеќето. И секако оние останатите „слепци“ што не можат да го видат сето ова, па „гинат“ како будали за партиски идеали.

Токму заради сето ова и застанаа во одбрана на неодбранливото. Во СДСМ колективно, без колективна свест, но со колективно поматен ум од сласта на власта која ја практикуваат, впловија во сопственото колективно лудило. Со соопштение во кое го бранат првиот „квислинг“, застанувајќи зад неговите ставови како нивен партиски лидер, со тврдење дека неговите предавнички ставови се и нивни, ставови на партајита, на СДС… При тоа оградувајќи се од довчерашниот неприкосновен „биг бос“ Бранко Црвенковски, отфрлувајќи ги неговите зборови и мислење како… историја. Додека „понизното квислинштво“ на нивниот актуелен лидер, според нив е иднина за Македонија!!?  Пендаровски, не го ни спомнаа. Веројатно сметаат дека претседателот на државата го имаат в рака, па лесно ќе го дисциплинираат!

Да биде уште потрагично, тезите од интервјуто за бугарскиот државен медиум најгласно прв ги поддржа се обиде да ги брани, никој друг туку Љубчо Георгиевски и неговата ВМРО-НП. Со поддршка за Заев за храброста со која зборувал за историјата, која била објективна и точна, а Македонскиот народ бил шокиран, затоа што со години бил индоктриниран?

Веднаш потоа, како печурки после дожд почнаа да никнуваат и другите облици на сулуда поддршка на „Заевата теорија за македонска историја по бугарски терк“. Први се осмелија заевите „медиумски пци“… Кој од нив брутално, арогантно и безобразно, кој латентно, дискретно и потскриено. Едни на социјалните мрежи, другите со изјави, мислења или колумни во нивните „невладини“ и „независни“ медиуми.

Политичкиот аналитичар близок на СДСМ, Ненад Јовановиќ меѓу другото рече:

„Што е проблемот со интервјуто? Нормална човечка памет, разумен цело време, адресира на братски народи, повикува на пријателство, соживот, соработка, градење на коридори, железници, продлабочување на култура, спорт, гасовод, зајакнување на економија…, „анализира“ Јовановиќ и продолжува:  „Што сакате од Заев, еј, море, луѓе?! Одете бре да се истуширате со ладен туш, добро ќе ви дојде – пишува во својата теза Јовановиќ.

Многу поискусниот и попоткован политички новинар Сашо Орданоски во својата последна колумна со наслов: „Ќе го преживее ли Заев своето последно интервју?“, на суптиллен начин се обидува ако не да ги одбрани, веројатнои самиот свесен дека се неодбранливи, тогаш барем да ги релативизира тезите на Заев. Па дневнополитичките  „ступидно – вербални историски егзибиции“ на премиерот ги правда со целисходноста на големата слика, на можното „конечно решение“ во македонско-бугарскиот спор. При тоа се минимизира улогата на царштината на источниот сосед во тогашното „конечно решение“ при нивното „административно владение“ во Македонија за време на Втората светска војна. Новинарот во својата анализа пишува:

„Дневната мерка во политиката – како и во новинарството или глумата, впрочем – е да вредиш толку, колку што ти вреди твојот последен јавен настап. На подолги патеки, идните генерации, од комоцијата на историската дистанца, подобро ќе го ценат твојот севкупен „визионерски“ придонес.

Тоа, нормално, е ризична стратегија, доколку сте заинтересиран само за сопствениот дневно-политички опстанок.

Имајќи го ова на ум, што кажа премиерот Заев во своето последно интервју за бугарската агенција БГНЕС, за многумина овде да се занимаваат дури и со неговиот актуелен политички опстанок?

Во суштина, Заев дал интервју во кое повеќе мислел – „низ призмата на пријателството“ – како тоа ќе резонира во бугарската, одошто во македонската јавност. Пријателството, имено, е најчесто употребуваниот збор во разговорот, а неговите толкувања за траумите на поновата македонско-бугарска историја се површни и на места импровизантски, бидејќи тој се труди, прилично „аполитично“, во интерпретацијата на историјата да се води само од нејзиниот политички потенцијал за градење подобра иднина меѓу Македонија и Бугарија.

Тоа е пристап во кој големата слика е поважна од деталите, за кои орно ќе се фатат сите застапници на Ѓаволот“.

Лудилото на Заев меѓу првите го поддржа и тргна и со раце и нозе и со нокти и со заби да го брани оној, за кој новинарската фела и не смета дека и припаѓа, ама пустиот со години самиот се декларира за таков. Иако и медиумот, ако така може да се нарече она на што наликува негов квази-портал, а и самиот тој се жалење и повеќе од самиот Заев. Затоа и не треба да се троши време и простор на попсежна анализа на она што е од него напишано. Анализата на неговиот лик и дело се сепак, во доменот на некои други институции.

Конечно, иако можеби надвор од актуелниот контекст за скандалозното интервју на премиерот, ама сепак во контекст на заслепеноста, колективното лудило, поданичкиот однос кон се што може да се „исцица“ и предавничкиот однос кон се’ што е свето, уште еден пример во низата… Пример кој можеби го отсликува „генот“ на поедини „патриоти“ на државна цицка, кои откако ќе ги откачат, стануваат плукачи… на сопствената татковина.

Познат како еден од основачите на групата „Магија“, пејач, композитор и продуцент Јован Јованов, од Македонија си замина во 2014 година. Најпрвин во САД, а потоа во Канада каде и денес живее.

„Единствената поврзаност со претходната влада беше тоа што по нивна нарачка правев музика за предизборни кампањи и за тоа си бев платен“ – ќе изјави тој, без при тоа да ги спомене илјадниците евра кои тој и неговата продукција ги добиваа од Министерството за Култура и тогашната министерка, за музички проекти кои останаа запаметени како катастрофални, па дури и срамни. Колиу за пример,  преработката и препејувањето на познатите „Македонски забавни евергрини“, кои беа очајно лошо преработени, преаранжирани и снимени… за многумина – уништени! Или обидот познатите македонски изворни и народни песни да бидат „преобразени во забавни“(?!), уште еден проект кој беше оценет како жива катастрофа, како обид за очајно сквернавење на македонското музичко и културно наследство, а беа проекти на Јованов за кои доби илјадници евра од државата, Република Македонија. Истата онаа држава која откако си замина, сега ништо не му значи.

„Македонија како држава со нејзиното уредување мислам дека никогаш нема да ми фали. Никогаш не сум не ни гледал како дел од неа. Генерално Северна Америка ја сакам и единствено место во светов што ми се допаѓа е Калифорнија. Само таму се гледам како дома. Веројатно во претходниот живот сум живеел таму.

Инаку, нормално е дека ми недоставаат само некои драги луѓе од Македонија.Другари, пријатели, роднини со кои си поминал дел од животот, секогаш ќе ти фалат и ќе сакаш да споделиш со нив разни искуства и моменти“- рече Јован во интервју за Мој Збор.

 

 

 

 

 

 

 

Останати вести од Ништо лично