Ништо лично
ништо лично...

Македонија ја доби својата рок библија – „Македонската рок енциклопедија“

Македонија ја доби својата рок библија – „Македонската рок енциклопедија“

„Македонската рок енциклопедија“ – лектира за секој рокер. Од почетници до пензионери… А и за оние, кои тоа не се! Вреди да се прочита, богатство е да се има!

Македонија за прв пат во својата историја доби пишана и печатена рок историја! Македонската субкултура и нејзиното чедо – македонскиот рок ен рол, за прв пат ја добија својата читанка, својот буквар. Во него, сите оние што ги граделе темелите или ставиле барем една цигла, едно камче во македонскиот рок ен рол и годините на неговото опстојување и живеење ќе можат да се пронајдат! Идните поколенија пак, кои допрва треба да го газат трнливиот пат до славата и по неа, ќе имаат своја „библија“ од која ќе можат да ги црпат туѓите искуства. Како и да е, „Македонската рок енциклопедија“ конечно ја здогледа виделината на денот.

Во неа, повеќе фактографски, но и низ приказните лично изустени од поголемиот број протагонисти и нивните бендови содржани во ова, по многу нешта, единствено, капитално дело,  прво од ваков вид кај нас, авторот Тошо Филиповски ја собрал македонската рок историја на едно место, во една книга, како што делумно собра и дел од нејзините чинители на нејзината промоција, вечерта на 8.мај 2018 година, пред платото на нејзиниот храм – некогашниот „Дом на млади“ денешен МКЦ.

Периодот од 1963 па се до 2018 година, сеопфатно претставен во еден преглед на сето она што било и се’ уште е најзначајно за историјата на популарната музика, особено нејзиното немирно дете – роке ен ролот, на една земја, еден, народ, една држава, оваа нашава, Република Македонија. Од неговите корени и зачетоци, преку неговите сериозни почетоци и златните години, па се до она што во овие 27 години независна држава се случува се’ до денес на полето на рок културата.  Хронологија, настани, поединци, групи, автори, изведувачи, инструменталисти, пејачи, изданија, носачи на звук, подеми и падови, победници и губитници, живи и заминити, рок легенди… Сите македонски рок ен ролери на едно место… Во едно иако пионерско, сепак одлично публикувано издание како што е „Македонската рок енциклопедија“ – лектира за секој рокер. Од почетници до пензионери… А и за оние, кои тоа не се! Вреди да се прочита, богатство е да се има!

„Ќе набројам неколку напишани книги на истата тема или поврзани со рокот од блиското ни соседство како YU ROCK енциклопедијата на Петар Јањатовиќ која до сега доживеа неколку реизданија, ЕЛЕКТРИЧНА ЗАСТАВА-тајанствени воз за неонску дугу на Жикицa Симиќ, Бити рокенрол на Петар Пеца Поповиќ и Михајло Пантиќ, ROCK енциклопедијата на Златко Галл, КАД ЈЕ РОК БИО МЛАД прича са источне стране 1956-1970 на Синиша Шкарица, Johnny B. Stulic – Фантом слободе на Хрвоје Хорват и други, но сите помали и не опфаќаат толкав временски период, како македонската РОК енциклопедија на Тошо Филиповски кое претставува уникатно, капитално, вистинско енциклопедиско издание, непроценливо дело на македонската култура и уметност, една урбана библија“ – вели новинарот и музички критичар Љупчо Јолевски.

Затоа нашата жива енциклопедија Тошо Филиповски треба да го прогласиме за одечки споменик на културата во нашата земја.