Ништо лично
ништо лично

Евровизиски поглед од зад „шарениот политички витраж“

Евровизиски поглед од зад „шарениот политички витраж“

„Настапот на Тамара на последното издание на Евровизија во Израел го остави популарниот музички свет воодушевен: речиси се неподелени оценките на многу европски музички експерти дека таа ја имаше една од најдобрите песни на фестивалот, во секоја смисла, вклучувајќи ја не само нејзината пејачка интерпретација, туку и нејзиниот сценски и, воопшто, целосен настап на оваа меѓународна гала манифестација“  – пишува новинарот  на 1ТВ и колумнист Сашо Орданоски  во својата последна колумна насловена:  „Тамара во челустите на политиката“ за Цивил медиа.мк!

И ако не  100%, барем  80-90%  е така. Недостасуваа детали врзани за  осветлувањето, анимациите во видео делот, кореографија, придружните вокали кои не ги ни видовме во преносот, па слободно можеа да бидат и снимени во матрицата за да не правиме фазла трошоци, кога веќе не ги покажавме… На Евровизија постојано водиме екипа  и со неа  „100 беспотребни приврзоци“, а не носиме режисер кој ќе го осмисли и режира пакет -перформансот во тие 3 минути на сцената!

Но, тоа е друга тема на муабет… Останатото беше маестрално и апсолутно кореспондира со констатацијата на Ордановски.

Она што не е „црно-бело“ , поточно многу повеќе „црно“ отколку „бело“, а  Ордановски се обидува да ни го претстави „во боја“, секако гледано низ призмата на неговите „розови очила“ , се неговите немузички анализи „во челустите“ на неговата  колумна.

Англичаните ни дадо 12-ка, а  „Би – Би – Си“  излезе со неколку свои констатации. Едната од нив  и онаа дека оние кои не знаеле каде географски се наоѓа нашата земја, вечерта научиле.  Очигледно, некој ептен споро учи…  Или барем баеги заостанува. А, тоа што тие ја измислиле поп музиката, ништо не значи. Да значеше, не ќе беа  последни! Впрочем,  истиот  тој  „Би-БИ-Си“ и  си го призна самиот тоа. Дека таканаречената „Голема евровизиска четворка“, оддамна веќе не е (толку) голема… Нивниот пласман, само ја потврди тезата.

А, признаа и уште нешто, што е многу поважно:  Дека Евровизија не може без политика! Таму, ама и дома!

Се согласуваме дека е навредливо и недоветно да го славиш фактот дека таа вечер Тамара не победи само затоа што пееше за Северна Македонија, а при тоа истата таа Тамара го направила најголемиот успех за татковината. Та како и таа да се вика, по твоја волја или не, крстена како што сакаш, или прекрстена како што несакаш…  Таа е, твоја е! Наша! Македонија!

Ама исто така е недоветно и уште посрамно да удриш со сета сила и жестина по оние кои не мислат како тебе, та биле дома или од дијаспората. Да биде уште пострашно, Ордановски ги заплеска само Македонците иселени од Македонија. Па нели сме мултикултурно општество,   исполнето со богатството на „прекрасниот витраж“ ( Папата Франциск –н.з.) што го претставува секоја современа, победничка државна заедница на граѓани? Тогаш зошто само кон Македонците иселени од Македонија го вперуваш прстот за „целата таа националистичка фрустрација?“  Зарем ширум Европа се немаат иселено и стотици илјади Албанци, на пример,  од заедничката татковина?

Каде е тогаш нивниот  „патриотски“  СМС глас за Тамара? Или тие си гласаа за својата претставничка од Албанија? Зарем таковината не е заедничка за сите, па и за нив? Или тие заминале на гурбет од мака, а Македонците од  фрустрација?

Или пак тука имаме „лична математика“  и овие факти е подобро да ги премолчиме, па најдобро е да удриме по оние кои никако не ни се вклопуваат во „математиката“?  Овие другите, исто така се тука кога треба да се гласа… Ама не на Евровизија, туку на избори!

Само тогаш кога треба да се подели власта се вади „шарениот стаклен витраж“  полн со мултиетничко и мултикултурно шаренило?  Вака, кога  витражот се сведува на поглед- секој во своето огледало, најдобро е плукнеш во него. Ама ако подобро погледнеш, така плукаш и во својот одраз или поточно по себе!

Конечно, можеби Македонците не гласаа за Северна Македонија, зашто пред да замнинат од Република Македонија  ги слушаа(т) само Лукас, Цеца, Јеца…? Зашто освен „Гранд“ и „Пинк“,  друг тип на забавно-музички шоуа и емисии од домашен карактер не им понудивме. Оти нема простор од  бесконечните турски серии и Вашите секојдневни, убиствено здодевни дебати… Речиси на сите национални телевизии!

„Чудна е оваа 2019 година. Македонија и Тамара шампионски поминаа на Евровизија“ – заклучува Ордановски. Како прв пат да ја откриваме Тамара која во оваа „прекрстенава“ како и во онаа „крстената“ Македонија егзистира цели 25 години на естрадната сцена и по трет пат се појавува на Евровизија.

Ама како што вели и „Би-Би- Си“ – Евровизија не може без политика. Таму, ама и локално – дома.

Па така, на успехот на Тамара и евровизискиот тим им се пришлепа половина влада. Немаше чочек, ама затоа имаше аеродромски дочек на пејачката од страна на министрите.  За први да се пофалат со големиот евровизиски успех на „Северна Македонија“… Демек видете, одма е друго… Ни тргна! Не дека ова не е успех, туку е и досега најголем, ама сите нас ќе остане да не мачи една голема недоумица:

„Ќе беше ли ист пласманот на Тамара и евровизискиот тим, доколку се’ беше исто: и песната и екипата и пејачката и настапот…, а само името на државата и натаму „нерешено“ во спорот со јужниот сосед? Ќе ни делеа ли тогаш Британците и останатите „велики“ сили 12-ки како од ракав, ако и натаму бевме F.Y.R. Macedonia?  Или ова е само естрадно-забавното парче од „колачот на благодарноста“ на Европа кон нас, за спуштените гаќи? Пардон, за свитканата кичма?!“

Да, како што резимира Ордановски, веројатно и формално ќе станеме членки на НАТО. Оти им требаме. Беспрекорно го дочекавме Папата во Скопје. Прашање е само зошто Папата дојде токму сега? На демократски избори за прв пат добивме неоспорен претседател на Републиката… Секако, со по кој знае кој пат „гласовите од витражот“. Оти без нив, ќе беше претседателка! Датумот за почеток на преговори со ЕУ ни се насмевнува годинава… Иако шансите повторно да останеме „насмеани“ се исто толку големи! Ако се случи и Нобеловиот комитет да се истакне во декември, 2019 ќе влезе во Гинис за Република Северна Македонија.

А и не мора… Зашто ние веќе сме во влезени во Гинис, како единствен пример во светот: Земја што самата себе си си го сменила името, си се „прекрстила“, против волјата на народот!

Па, кој сака да сече вени – бујрум!  Кога веќе  „не се сечеа глави“… на време! Се разбира, не со гилотина!