Ништо лично
ништо лично

Дишеш ли мирно градоначалниче Шилегов?

Дишеш ли мирно градоначалниче Шилегов?

Скопје се гуши… магла, смог, чад, смрдеа… Попусто сите изустени зборови, декларативни залагања, празни предизборни ветувања… за почист воздух! Секојдневно нови апели, алармирања, повици… џабе! На власта „не и чуе“!

Централната гледа да и го испорача ветеното на Европа, Америка, НАТО… наместо да им ги испорача на граѓаните предизборните ветувања, заради што и ја донесоа на власт! Локалната пак, се однесува како да е „падната од Марс“. Заталкана, изгубена, залутана некаде во скопскиот смог и магла, секојдневно само сее „ветер во магла“, ама нивниот ветер никако да дувне! Божем ќе воведуваат мерки, црвени, жолти зелени еко налепници за возилата, класификација по старост, ЕУРО 2, 3, 4… стандарди на моторите, бесплатен градски превоз… И од сето тоа – ништо!

А кога сме веќе кај налепниците за возилата, автобусите и градскиот превоз… Се предлага категоризација на возилата по старост, изабеност, ЕУРО стандарди на моторите… Налепници за автомобилите вели еколошкиот министер,Макрадули?  А на „кршот“ од стариот градски превоз на ЈСП и приватните, што ќе му правиме градоначалниче Шилегов, а?


Што налепница ќе му турите на овој од видеово, што чури како да оди на дрва? Како внатре скара на ќумур да се пече, а не да се возат луѓе? Па чури и чади бетер од „Фирма Крстиќ“ во „Ко то тамо пева?“ А сте го пуштиле во сообраќаен промет!

Или со скопската цементарница Усје, на пример… Ноќе чади, рано наутро исклучува, преку ден ги нема, како да се под стечај!? Па, ќе ни ги зацементираат грлата и ноздрвите, бре градоначалниче, свесен ли си и ти и тоа „шарената свита“ околу тебе, дека и вие живеете во овој град? Или и вие како Усје, маските за дишење ги ставате само навечер, кога никој не ве гледа?

Ама, маските оддамна паднаа и во оваа магла сега многу појасно се гледа кој  „сеел магла“ и глумел паталец само за да седне на местото на оние кои ги критикувал!

Сега ве нема нешто да се прошетате со истите тие маски низ скопските улици, така? На топло под клима полесно се дише, нели? Епа така е, ама не е така! Зашто во овој град живееш и ти и твоите блиски, твоите најмили, твоите дечиња…

Затоа размисли, како ли ќе им објасниш утре дека си бил на позиција, си бил во можност да сториш нешто, а не си направил ништо!? Во функционерската фотелја можеби и си привелигиран, ама на улица сите сме исти, го дишеме истиот овој воздух… скопски, загаден, смрдлив, отровен, канцероген..!