Ништо лично
ништо лично

Алан Форд – владина екипа

Алан Форд – владина екипа

Оваа СДС влада неодоливо потсетува на стрипот Алан Форд.  Премиерот и неговите министри се плукнати ликови од култниот стрип за ТНТ бандата од таинственото скривалиште во њујоршката цвеќарница.

Број еден, Гервасиус, Јеремија, Грунф, сир Оливер, Боб Рок, Алан Форд… Поедни министри, вицепремиери од владата на СДС, градоначалникот или директоротна фондот за иновации да речеме, зарем не ви личат со своето дејание на овие стрип ликови? Ама која е бандата? ТНТ… Онаа од Алан Форд?

И дали во нив некого ќе препознаете и кого? Наше е само да ви ги претставиме. Идентификацијата е ваша работа. И да, секако… Секоја сличност – е случајна! Само претставувањето на бандата е намерно. Онаа, ТНТ од култниот стрип. Се’ друго, не е ништо лично!

Број 1 – е лидерот. Првиот човек на ТНТ бандата. Секогаш има „широка рака“ и разбирање кога се парите во прашање. Оние што треба да ги земе само за себе, секако. Човек кој знае како да го добие она што сака. Се прави „глув“, а всушност многу лесно доаѓа до информации, служејќи се со уцени! Податоците ги црпи од  „блокчето“ во кое се запишани „сите гревови на светот“: кој, што, кога, каде, колку, кому… Ама баш сите гревови –  освен неговите! Зошто тој е безгрешен! Впрочем, тоа и судот го има потврдено!

Гервасиус Твинклминклсон – е позамашна личност. Корпулентна. И физички и по функцијата. Полициска! Извонредно способен и подвижен, ама само во сон! Прв човек во бандата, веднаш до Број 1! Акциите ги планира длабоко размислувајќи со затворени очи! Ги отовра само во случај прекршокот или делото да го направил некој од некоја контрабанда! Пред да изгради кариера, работел како општински чиновник. Откако ќе се здружи и зближи со Број 1 станува… она што ќе посака!

Јеремија – синоним за умирање од сите можни познати и непознати болести. Секогаш заедно со шефот е во „длабоко размислувње“ за идните планови. Одвреме – навреме доаѓа во конфликт со повлијателните поединци од бандата, при што секогаш го извлекува „подебелиот крај“. Омилено место за излегување му се аптеки и веледрогерии. Непрестано бара пари за лекови, ама не ги добива… Не, барем јавно!

Сир Оливер – познат по прекарот: „Повеќе лопов, отколку џентлмен“, иако обожава да се претставува како ова второво. Поточно, да глуми  џентлмен. „Економијата“ на големо и мало ја има во малиот прст.  Личност  позната по тоа што „доброволно ја напушта другата страна“, заради „недоразбирање“ со власта. Секогаш е поврзан со „препродражба“ на скапа стока, која по некое чудо, секогаш завршува кај најбогатите.

Грунф – Најинвентивниот член на бандата. Секогаш е подготвен за нови изуми. Подготвен е за мали пари да измисли се’: од игла до локомотива! Се во служба  на Број 1.  Се истакнува со носење на маички со натпис: „Идеите секогаш ваши – парите секогаш наши“!

Боб Рок – саркастичен тип, секогаш исто облечен. Не бега од акција, ама по правило ќе ја „по*ака“. Затоа и неретко е предмет на исмевање, што го доведува до очај, па утехата ја бара во други нешта. Во дружба со Суперхик, на пример, ноторен алкохоличар, антихерој кој краде од сиромашните за да им даде на богатите!

Алан Форд – „наивен младич“ со строен стас, залижана коса и љубител на понежниот пол. Момче од кариера кое случајно ќе влета во бандата, но ќе се покаже како клучен играч… За нејзината пропаст и неуспех во се’ што фатиле да направат, се разбира!