Мегафон

„Next Time“ направија концерт за паметење: Само една има вистина…Македонија има светска музика (ФОТО)

„Next Time“ направија концерт за паметење: Само една има вистина…Македонија има светска музика (ФОТО)

Македонија уште еднаш покажа дека има музичка сцена која по ништо не е инфериорна во однос на ѕвездите од регионот. Ниту по песните, концертната изведба, целокупната сеценска кореографија, звукот , светлото и светлосните и видео ефекти, фитбекот на публиката…. и севкупната атмосфера што еден концерт го прави голем и величествен.

Токму таков беше оној во саботата (17 декември 2022) на братското дуо-близнаци од „Некст тајм“ и нивната многубројна музичка дружина на сцената на концертот во салата „Јане Сандански“ во Скопје. Иако истата можеби не беше исполнета до последното место, за што вината секако не ја сноси бендот, туку оној што се јавува како организатор на ивентот, кој ниту маркетиншки не беше доволно рекламиран, ниту медиумски доволно покриен. Особено што се работи за концерт кој има специфичен карактер и на кој не се изведуваат и пеат комерцијални хитови и познати поп рефрени, туку има многу поинаква и подлабока суштина. Но, тоа е поука и за оние што се нафаќаат да организираат нешто за што очигледно излегува дека се недораснати, а и искуство повеќе за оние, кои со нив прифаќаат да соработуваат.

Затоа пак салата „Јане Сандански“ беше максимално исполнета со енергија, патриотски набој и емоци, наплив на национално чувство и  родољубие, припадност кон татковината, кон својот народ, мајката земја – Македонија.—

Уште од првите звуци на сајзерите, првиот ритам на тапаните и првите испеани зборови, беше јасно дека близнаците Стефан и Мартин со својата одбрана музичка екипа се подготвени на публиката да и приредат ноќ за паметење, вечер за поистоветување не само со музиката која ја содржат нивните преработки, туку и со традицијата и будењето на свеста кои сме, што сме, колку вредиме, каде припаѓаме, низ што се’ сме минале, што се’ сме дале за да го добиеме ова што денес го имаме… Своја држава, свое парче земја, нашата Македонија.

Преработките на старите македонски изворни песни со родољубива и патриотска тематика во модерни аранжмани и на сцената звучеа светски. Од „Нешто ќе те питам бабо“ и „Јовка-кумановка“, преку „Налеј, налеј“... па се’ до „Кога падна на Пирина“… Се разбира со многу изненадувања помеѓу…

Полина Тасева како суверен женски вокал уште во првата песна, брилијантниот маестро Николче Мицевски зад клавијатурите кој ги направи сите аранжмани за преработките на „Некст тајм“, а патем отсвири и сегмент  од неговиот деби соло албум „Нова ера“, парче кое како создадено се „сроди“ со познатите музички теми на бендот. Се разбира сето ова проследено со извонредната свирка и  врвните инструментални квалитети на фантастичните музичари на сцената, особено виолинистот и тапанарот во придружниот бенд, кои со своите бравурозни инструментални точки покажаа дека се музички виртуози.

Кулминацијата секако ја предизвикаа неколку моменти со кои концертната атмосфера еруптираше… Најпрвин на „Ја излези Ѓурѓо“, веќе востановената „неофицијална химна“ не само на „Некст тајм“ туку и на навивачките групи ширум Македонија, од кои дел како вардаровите „Комити“  или „Војводите“ од Тетово беа на концертот, создавајќи заедно со останатата публика во салата, величествена атмосфера.

Со запалени факели и едногласно пеење на „Ѓурѓо…“ или „Слушам кај шумат шумите“, но и подигање на патриотскиот набој на целата претстава со громогласно навивање: „Никогаш Северна, само Македонија“… Колку за потсетување, колку на народот му е „мило“ што насила му ја прекрстија татковината!

Она што можеби беше најнеочекувано изненадување беше акустичниот дел во кој Николче Мицевски клавијатурите ги замени со хармониката, па заедно кавалот на брилијантниот Гоце Димовски („Синтезис“) и веќе споменатата виолина, како и вокалот на Стефан, отпејаа неколку познати македонски фолк класици кои одново во своите ноти и стихови ја имаат родољубивата тематика и патриотската содржина, а се посветени на нашата мајка земја – Македонија.

Така, „Заветна“ на легендарниот Пепи Бафтировски или безвременската „Бисер балкански“ на уште една македонска легенда, Гоце Николовски, предизвикаа нова кулминација на национални емоции, патриотски чувства, ежење… Како потсетување на корените,  кои сме и од каде потекнуваме, но и дека се’ уште не има и никогаш нема да престанеме да постоиме.

За крај последното, најавено и очекувано изненадување, како специјален гостин на концертот… Веројатно најдобриот македонски машки вокал и најголемата машка поп ѕвезда во моментов, единствениот Влатко Лозаноски, чија „Километри“ публиката ја пееше во еден здив со него.

За потоа како за крај, тој заедно Стефан и бендот поддржани од грлата на разнежнетата публика уште еднаш да ја изведат, овој пат во „дует верзија“ химната на групата… „Ја излези Ѓурѓо“ како јаготка на шлагот на двочасовниот концертен спектакл, во кој се уверивме дека… само една има вистина: Македонија има светска музика!

Но и изведувачи, автори, аранжери и музичари на кои би биле горди со секој нивен настап било каде во Европа и светот. Зашто кога е културата и уметноста во прашање, Европа и светот оддамна се овде… во Македонија!

Политиката и политичарите се тие кои понизно и поданички чекаат во ходникот со години, лажејќи не дека ќе не внесат онаму, каде што ние всушност оддамна сме! Концертот на „Некст тајм“ и другарите, беше само уште еден од доказите!

А.Д.