Лице в Лице
Пред големиот концерт...

НЕКСТ ТАЈМ: „Веруваме дека на сите што почитуваат македонска музика, нас и нашиот труд, не би им било трошок за билет што чини колку едно бокалче ракија во кафеана“

НЕКСТ ТАЈМ: „Веруваме дека на сите што почитуваат македонска музика, нас и нашиот труд, не би им било трошок за билет што чини колку едно бокалче ракија во кафеана“

Мартин и Стефан Филиповски, близнаците од братското дуо „Некст Тајм“ пред големиот концерт на 17-ти декември 2022 во салата на Спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје, покрај сите обврски околу пробите, креативниот дел и содржината на настапот, подготовките и организацијата на самиот концерт, стигаат да одоговорат и на многубројните покани на медиумите кои овие денови браќата ги бараат за гостувања по разни радио, ТВ и Интернет емисии, за изјави, разговори, интервјуа…

Нашиот портал Вистина.ком.мк направи ексклузивно интервју со Стефан и Мартин, кое ви го пренесуваме во целост.

Во 2009 година го имавте првиот солистички концерт во Универзална сала. Од денешна преспективна, може ли да се направи споредба на предконцертната возбуда која ја чувствувавте тогаш и оваа сега?

Некст Тајм: Во 2009 година памтиме дека бевме премногу возбудени, тоа беше наш прв поголем проект во кариерата дојде брзо , на само една година после офомувањето на дуото. За наше задоволство и среќа тој концерт помина одлично, салата беше преполна, имаше една посебна енергија на тој концерт. Сега се чувствуваме позрело како музички така и умствено. Веруваме дека ќе направиме нешто посебно, нешто што ќе се памти и нешто за што ќе се зборува. Возбудени сме исто како кога бевме деца и во тоа е убавината, што секогаш има простор за нови докажувања.

Од 2014 до 2022 година направивте пет преработки на стари македонски песни со патриотска содржина, проекти за кои секако се потребни многу финансии. Вредеше ли?

Некст Тајм: Направивме осум преработки но пет со видео запис, другите три обработки се најдоа на нашиот најнов албум „Мајка“, плус една бонус на песната „Ја излези Ѓурѓо“.
Искрено кажано вредеше секој цент. Сметаме дека сите овие години работејќи на овие песни, сите што земаа учевство и помогнаа се ова да изгледа како што изгледа, сметаат дека не е до парите, туку до тоа колку душа има во овие македонски песни и колку сме сите среќни што сите почнувајќи од нас па до Николче Мицевски, Огнен Шапковски, Кристијан Теодоров, Мелем Продукција (сите) Студио ХЛ Момироски и сите останати што веруваа во нас. Не можеме да опишеме што ова се значи за нас. Но најголемиот успех е тоа што македонската публика ги прифати перфектно сите овие песни.

Зачестија и вашите настапи на големи сцени, дали сега сте задоволни од статусот кој го уживате на домашната сцена?

Некст Тајм: Да точно е тоа дека се насочивме на големата сцена и некако во таа насока се видовме  како артисти, но тоа се должи на тоа што публиката не прифати така. Да ја нема публиката не би имале ни таков статус. Затоа сме премногу среќни што најголемиот наш трофеј е публиката.
Од друга страна кај новинарите не мислиме дека сме биле музички некогаш добро пофалени. Се пишувало рушат рекорди, ја кренаа публиката, нема кој нема да расплаче новата обработка или сличнои за тоа сме благодарни, но не сме слушнале каков статус ни даваат новинарите за нашите музички квалитети. Цело лето беве со настапи  и полни концерти никој ништо не напиша.

Која песна од преработките ја сметате за најуспешна, има ли таква што ја издвојувате?

Некст Тајм: Сметаме дека сите имаат своја убавина, сите од видеата постигнаа милионска гледаност на социјалните мрежи. Новата песна „Кога падна на Пирина“ исто така се движи натаму. Но сите знаеме дека Ѓурѓа е општо прифатена песна, и стана наша, но и на повеќето луѓе, музичка химна.

Велите дека имате два мајки, мама Сузана и мајка Македонија. Колку големи патриоти се Мартин и Стефан?

Некст Тајм: Така е,  ние сме премногу горди на нашата мајка што ни дозволи да се бавиме со тоа што сакаме да се бавиме а тоа е музиката. Таа беше до нас и во добро и лошо, и веруваше најмногу и кога не ни идеа работите од рака. Голем период од кариерата не финансираше, и ни помагаше да можеме да платиме песни и спотови, но еден период рековме доста е или сами ќе опстоиме или нема да се занимаваме со музика и тогаш како дар од Бога, Господ не насочи кон Ѓурѓа. Искрено после таа песна се осамостоивме во кариерата и финансиски. А, на прашањето дали сме патриоти ,одговорот лежи во песните од албумот. Не може да пееш вакви песни, ако не ги чувствуваш. Ја сакаме Македонија и таа ние  мајка земја.

Постои ли стратегија за што понатаму, ќе се прават уште преработки или се застанува со албумот „Мајка“, па се цели кон нешто ново?

Некст Тајм: Искрено сите погледи се фрлени кон големиот концерт затоа што тоа е нешто најбитно во моментов за нас. Следната година сме на турнеја надвор од Македонија, поточно Австралија, а во преговори сме и за други земји. Но, искрено размислуваме за авторска музика и следното нешто ќе биде авторска музика и  нов албум.

Каква е сатисфакцијата кога публиката ви стои на нозе и го пее заедно со вас секој стих, особено кога тоа се случува на спортските натпревари, постои ли трема, поголема одговорност?

Некст Тајм: Таквите моменти не се опишуваат со зборови, би сакале сите артисти да имаат можност да го искусат тоа. Веруваме дека тие моменти ќе ги памтиме до крај на нашите животи. Нормално дека имаме трема, но имаме и искуство така што се ставаме под контрола со првата нота испеана кон и за нив.

Се бараат ли гратиси за претстојниот концерт, ќе има ли барем за пријатели или ќе оставите момент за почит кон вашата работа со купен билет?

Некст Тајм: Ха, ха, ха… Ова е најдоброто прашање. Нашата фамилија си купи карта, веруваме дека сите што почитуваат македонска музика, не почитуваат нас и нашиот долгогодишен труд , не би им било трошок за билет што чини колку едно бокалче ракија во кафеана.

Што ќе си посакате во Новата 2023 година?

Некст Тајм: Да сме сите здрави и живи, фамилиите на број, саканите до нив, поголеми успеси од минатата година. Да нема војни, да има мир. А ние ќе си посакаме да бидема поуспешни попаметни и доста креативни за следни проекти.

Автор: С.И.

Останати вести од Лице в Лице