Мегафон
фестивали

На 61. издание на „Охридско лето“: Повеќе од 500 уметници од 18 држави

На 61. издание на „Охридско лето“: Повеќе од 500 уметници од 18 држави

Се е подготвено за престојните 40 дена возбуда што пред бројната фестивалска публика ќе ја донесат повеќе од 500 уметници од 18 држави од Европа и целиот свет, прославени имиња од светската музичка елита и извонредни театарски креации.

Како што изјави за МИА директорката на „Охридско лето” Наташа Поповиќ, благодарение на посветеноста и залагањата на фестивалскиот тим привршуваат подготовките за пречек на бројните уметници, на начин како што доликува на светска музичко-сценска манифестација и угледот што го ужива Фестивалот во глобални рамки.

Поповиќ истакна дека сите фестивалски сцени, најатрактивните локации во градот како Античкиот театар, Предворјето на Света Софија, Долни Сарај, како и неповторливата катедрална црква Света Софија се целосно освежени, подготвени да блеснат во сиот раскош, на задоволство како на уметниците што ќе настапуваат така и за самата публика. Притоа, таа ја искористи приликата да се заблагодари на Општина Охрид за логистичката поддршка што ја дава на Фестивалот за некога беспрекорна реализација.

Што се однесува на програмскиот дел, Поповиќ изрази задоволство што нема никакви откажувања, засега се е според планираното и предвиденото.

 Воопшто не беше лесно да се организира програмата за една голема манифестација каква што е „Охридско лето”. Договарањето настап на светски уметници за 40 фестивалски дена е сложен зафат и во нормални околности, а само ние знаеме како е тоа да се сработи во вонредни околности наметнати со епидемијата на коронавирусот, рече таа.

Минатата година „Охридско лето” беше манифестацијата што беше прва на линијата кога станува збор за организирање настани од областа на културата, со предизвик да понуди квалитетна програма во вонредни околности.

Ланската година беше тежок тест за нас, Фестивалот го реализира минатогодишнот издание без какви било проблеми. Во вонредни услови реализиравме 34 настани во скратен термин, што е импозантна бројка и во нормални околности. Благодарение на минатогодишните искуства сме подготвени да се справиме со сите евентуални потешкотии, за кои се надевам дека воопшто нема да ги има, рече Поповиќ.

Подготовките за оваа година, како што истакна таа, почнале веднаш после завршувањето на минатогодишното фестивалско издание, но во мошне отежнати околности со оглед на фактот што речиси сите предвидени настапи директно зависат од тоа каква ќе биде ситуацијата во светот со епидемијата на Ковид-19.

Ние уметниците сме желни за настапи, секој концерт, претстава, самата сцена е храна за нас. Секој уметник поканата да настапи на „Охридско лето” ја смета за предизвик, слободно може да се рече и за привилегија, но потврдата за нивното доаѓање на Охридско лето” директно зависеше од наметнатите протоколи за патување надвор од нивните матични држави. Во октомври минатата година никој од нив не можеше да знае каква ќе биде ситуацијата оваа година, така што беа потребни навистина големи вложувања и напори за креирање на програмата. Сега ситуациата е далеку порелаксирана, што е позитивно, кога станува збор за финалната реализација на фестивалското издание, истакна Поповиќ.

Оваа година свеченото отворање на Фестивалот што секогаш е посебно доживување, е резервирано за големиот музичко-сценски спектакл, сочинет од најубавите дела на рускиот виртуоз, преку делови на балетската трилогија „Лебедово езеро”, „Оревокршачка” и „Заспаната убавица”, и извадоци од балетот „Ана Каренина” и операта „Евгениј Онегин”, во изведба на Националната опера и балет. Повеќе од 90 балетски првенци, солисти, ансамблот и оркестарот на Националната опера и балет, предводени од диригентската палка на маестра Бисера Чадловска кои на 12 јули ќе настапат на Античкиот театар веќе в сабота доаѓаат во Охрид каде ќе ги имаат генералните проби за свеченото отворање.

Оваа година на фестивалската програма се 34 уметнички концерти со прекрасна динамика, програма што од самиот почеток до крајот претставува една голема музичка приказна што има за цел да ја прослави уметноста преку различни музички композиции.

Меѓу најдобрите и најхрабрите кои ќе допатуваат од сите страни на се врвни имиња од областа на музичката уметност како Александар Штаркман, Ѓуљсин Онај, Вихан квартет, Ирина Графенауер, Мате Бекавац Кирил Родин, Жени Захариева, Маја Богданович,Даниел Родан, Стојан Димов и Дино Имери, Дарко Костовски, Васко Дантас, барокниот ансамбл „Театро ала мода”, Горѓи Цинциевски, Саимир Пиргу и Мерита Таршана, гудачки квинтет на филхармонијата од Загреб на чиј концерт ќе настапи нашиот млад виолинист Александар Иванов, Калина Мрмевска, Надја Неволовиќ, женскиот хор под раководство на диригентот Ивица Зориќ Менада, мешаниот хор на филхармонијата од Приштина, Елоизе Карлин, Барокни дијалози со камерниот ансамбл на Македонска филхармонија, Алесандро Фатони и Џорџо Мартану,Петру Иуга и Михаил Хориа, Хајди Елзесер и Ненад Лечиќ, Лирска вечер со фестивалски камерен оркестар и вокални солисти под диригентската палка на Паскал Галоа, Захариас Тарпагос и Валерија Харитиду, дуото гитари Горан Кривокапиќ и Даниел Церовиќ, Владимир Марковиќ и Јулијана Шуловиќ, Драган Средојевиќ и Ненад Ивовиќ.

Фестивалот „Охридско лето” е еден од најголемите промотори и афирматори на македонската уметничка музика, но и на македонските композитори и изведувачи.

Заради пандемијата што минатата година го запре светот, која во голема мера ја засегна и уметноста, за оваа година заедно со селекторите на музичката и театарската програма решивме голем простор да им дадеме на уметници од Македонија, наши уметници кои се познати и веќе етаблирани на најпознатите светските сцени, а немале можност да настапат на „Охридско лето”. Како новина е тоа што некои од наши врвни уметници кои живеат надвор, ги споивме со други странски уметници во дуети, квартети за да настапуваат на фестивалските сцени во Охрид, рече Поповиќ.

Веќе востановена практика се и концертите што „Охридско лето” ги реализира во соработка со Амбасадите на други држави во Македонија, така што и ова година тука се концертите организирани со Словенечката амбасада, потоа со Амбасадите на Италија, Франција, Чешка, Турција…

На драмската програма ова фестивалско издание се шест театарски претстави, на неколку сцените на Античкиот театар, Предворјето на Света Софија, Долни Сарај, дворот на училиштето „Свети Климент” и Центарот за култура„ Григор Прличев”, секоја од нив со различни и уникатни естетики.

Тоа се претставите „Крик за љубов” на Охридскиот театар, „History of Mother Fuckers” преработка на Вилијам Шекспир на Битолскиот театар, Српскиот народен театар од Нови Сад ќе ја донесе животната драма на Џенис Џоплин, Театарот комедија со претставата „Вечера за глупаци”, Македонскиот народен театар ќе се претстави со „Само глас”, а драмската програма на „Охридско лето” ќе биде заокружена со претставата „На отворено море” во изведба на актерската екипа на Југословенскиот драмски театар од Белград.

„Охридско лето” како манифестација има своја особена специфика, со строги правила што се може да биде ставено на програмата. Но сепак, покрај оној класичен дел преку „офф програмата” нуди и неколку содржини наменети за пошироката публика. Оваа година тоа ќе биде концертот на Националниот ансамбл „Танец” кој јубилејот по повод 70-годишнината од формирањето ќе ја одбележи со настап заедно со националниот хрватски ансамбл „Ладо”. Тука е и роденденскиот концер т на „Синтезис”, а голем интерес кај пошироката публика има и за најновиот проект „Нашата вечер во Охрид” што српскиот драмски уметник и актер Иван Босиљчиќ специјално го подготвува за долго очекуваната средба со публиката на Фестивалот „Охридско лето”.