Мегафон

На 18-ти септември: “Blues & Soul Festival” во Куршумли Ан

На 18-ти септември:  “Blues & Soul Festival” во Куршумли Ан

На 18-ти септември со почеток во 20.30 часот во Куршумли Ан, ќе се одржи годинешното традиционално издание на “Blues & Soul Festival” чии учесници ќе бидат познатите македонски блуз бендови “Natasha Miha in Blues” и “Crossroad Blues Band”.

“Crossroad Blues Band” е музичка формација од Прилеп, формирана 1997 год. од двајца фанатични влубеници во блуз музиката односно Александар Дворчанец – Сале и Бранко Нешкоски – Бане. Можеби гранитното опкружување околу градот или пак аромата на тутунот која се шири по градските улици, се покажаа како успешна почва за развој на блузот. Од локална атракција низ годините “Crossroad Blues Band” прерасна во еден сериозен бенд кој музицира покрај во својот град, во скоро сите градови на Македонија, а од 2008 год. па се до 2018 год. настапува на скоро сите престижни фестивали и места во регионот каде се негува и свири блуз. Има настапувано на фестивали во Бугарија (Софија, Бургас, Петрич, Габрово) во Србија (Врање, Ниш, Белград, Панчево, Кикинда, Суботица, Сента), во Хрватска (Жупања, Ријека, Кастаф, Умаг, Сплит, Дубровник, Опузен, Имотски) Словенија во Копар, во Црна Гора во Подгорица и Никшиќ, во Босна и Херцеговина (Мостар, Бања Лука, Приједор, Доњи Вакуф, Сараево).

Додека пак, “Natasha Miha in Blues” всушност претставува соло-артист, студиски музичар, едукатор и член на Station: Innermost. Нејзината сестраност, музичкото познавање како и вокалните способности и овозможуваат да изведува широк спектар на музички стилови со креативност, емоција и техничка маестралност. Има настапувано на многубројни концерти во државата и надвор од неа, меѓу кои и North City International Blues & Jazz Косовска Митровица, Blues & Soul Festival Скопје, Rock Symphony Concert Битола и Damir Puh Recollection турнеја. Има реализирани солистички мултимедијални концерти од класичен карактер, од кои еден и во рамки на фестивалот „Златна Лира“. Наташа има настапувано и како придружен вокал на Vanessa Mae и Queen Real Tribute во Скопје.

Годинешното издание на фестивалот се реализира со поддршка од Град Скопје и Турскиот културен центар “Јунус Емре”. И не заборавајте, настанот ќе се одржи согласно протоколите за одржување на настани и со приложување на Ковид-19 вакцинална картичка.

Извор: Музика24