Мегафон

Музиката од филмот „Големата вода“ стана достапна на сите дигитални сервиси во светот

Музиката од филмот „Големата вода“ стана достапна на сите дигитални сервиси во светот

По објавувањето на музиката за филмот „Прашина“ на Милчо Манчевски кон крајот на минатата година, Филтер Лабел продолжува со изданија од серијалот филмска и театарска музика создадена од еден од нашите најплодни и меѓународно најуспешни современи композитори, Кирил Џајковски.

Музиката од ремек делото „Големата вода“ на Иво Трајков стана достапна на сите дигитални сервиси во светот. Овој материјал на Џајковски е едно од највпечатливите сведоштва за неговиот раскошен талент како композитор на филмска музика и потврда на неговата креативна зрелост. На петнаесетте композиции од ова издание, авторот успеал да прикаже подеднаква елоквентност во динамичните, драматични, перкусивни теми (“Chasing Lem”, “Blood Brothers”) и во нежните, елегантни, интроспективни нумери (“The Great Water”, “Forgiveness”, “Farewell”).

Материјалот е мајсторски напишан, аранжиран со исклучително чувство за детали и отсвирен со неверојатна прецизност. Богатите оркестарски текстури и силната емотивност на композициите не се во контраст, туку напротив совршено се дополнуваат. „Големата вода“ ја освои наградата за најдобра музика на Филмскиот фестивал во Валенсија.

Албумот со музиката од филмот „Големата вода“ од денеска може да се слуша и даунлодира од сите дигитални музички сервиси. Директни линкови до изданието на некои од најпопуларните платформи може да најдете на следната адреса.Паралелно со музичкото издание, објавени се и неколку официјални музички спотови.