Мегафон
концертна мини-турнеја

„Мизар“ со концерти во Љубљана, Загреб и Риека

„Мизар“ со концерти во Љубљана, Загреб и Риека

Култната македонска група „Мизар“, на радост на многубројните фанови, наскоро ќе пристигне во „Погон култура“ во Риека. Билетите се пуштени во продажба а најбрзите 50 фанови кои ќе купат билет на подарок ќе добијат ексклузивно ЦД на Мизар со 4 нови песни и 4 претходно објавени песни.

Концертот во Риека на 3-ти јуни е дел од мини турнејата на „Мизар“ што започнува во Љубљана на 2-ри јуни, а ден по Риека оваа ценета македонска група ќе настапи во Музејот на современа уметност во Загреб, како дел од манифестацијата „Лето во МСУ“ (4-ти јуни). Последниот настап на „Мизар“ во Риека беше далечната 2005 година, една деценија подоцна во Загреб, а пред шеснаесет години свиреа пред љубљанската публика.

„Мизар“, македонски готик рок бенд, е зачнат во 1981 година во Скопје и е еден од пионерите на темниот звук на овие простори. Нивното име на арапски значи ѕвезда водилка која им помага на патниците низ пустината да не се изгубат.

Уникатни во пеењето на својот мајчин јазик, тие на свој изворен начин ги евоцираа призвуките на македонските етно и византиски традиции, спакувани во прилично мрачна атмосфера за која особено придонесуваат длабоките вокали базирани на црковното старословенско пеење. Поради нивниот уникатен авангарден звук и имиџ, придржувањето кон православните христијански традиции и македонската независност, поранешниот социјалистички режим ги стави на црна листа. И покрај се, „Мизар“ доби големо медиумско внимание во поранешната држава, но и надвор од нејзините граници.

Од основањето на групата до денес, единствена константа е композиторот, гитаристот и идеен лидер на групата Горазд Чаповски, кој на оваа мини турнеја ќе го претстави својот претстоен шести студиски албум со шестчлена постава на „Мизар“.