Радио Милева
скопскиот „крал на модата“ и ноќниот живот

Мио Ристиќ – првиот македонски манекен: Тој е човекот што ја донесе светската мода во Скопје (ФОТО)

Мио Ристиќ – првиот македонски манекен: Тој е човекот што ја донесе светската мода во Скопје (ФОТО)

Малку повозрасните, кои 70-ите години биле млади ергени и девојки паметат многу нешта кои  Скопје повеќе ги нема. Од градското корзо до главните фаци кои се шетаа по тогашна скопска калдрма, од Пивница до Кенан и назад.  Е токму таа генерација веројатно се сеќава и кој ја донесе прв модата во Скопје, а со тоа и во Македонија.

Тој беше првиот манекен кој прошета по модната писта и ги преслика светските модни трендови во македонската престолнина, за со години, па и децении потоа, тој и неговата млада екипа манекенки  да ја диктираат истата.

Миодраг Ристиќ или едноставно познат како Мио. Една од најурбаните скопски фаци, градска легенда кој на скопјани и пошироко прв ќе им покаже како се чекори по модна писта, прв ќе ги преслика Париз, Њујорк, Лондон, Милано, Белград… во Скопје, заедно со Лиле – „Липс“ ќе го имаат првиот бутик во главниот град, ќе биде дел од првите модни фотосесии… Во многу нешта кога е модата и не само модата во прашање Мио бил пионер.

Неговите модни ревии и модни перформанси во рамките на првите скопски пополноќни забави се’ уште се прераскажуваат. Најубавите скопски девојки во тоа време, меѓу кои подоцна некои станаа и се’ уште се име и презиме во оваа земја, биле дел од женската „модна ергела“ на Мио.

Неговиот бутик „Мио“ во 80-тите години ќе биде епицентарот од каде во Скопје, а со тоа и во Македонија ќе излегуваат најмодерните модни парчиња, кои најпознатите скопски јавни, но и урбани фаци ќе ги носат на себе како перјаници на актуелната мода во тоа време.

Но, не само модата се врзува за урбаната скопска легенда Мио. Години потоа тој и неговите локали ќе бидат заштитен знак на скопскиот ноќен живот. Особено легендарната „Академија“, еден од првите скопски ноќни клубови кој ќе работи „од самрак до мугри“.

А таму, од скопскиот и не само скопскиот „крем“, јавните лица, музичките ѕвезди, најубавите девојки, најдобрите забави, првите македонски бизнисмени, безбедносни структури, лица од  балканското подземје… сите на купче. Сите на едно место, а местото култно со години!

Како и тој – Мио Ристиќ, скопскиот „крал на модата“, трансформиран во „крал на тогашниот ноќен живот“ во македонската метропола! Во годините кога наместо македонската провинција, Белград доаѓаше на скопските забави на кои не се слушаше турбофолк и не се пиеше пиво од шише со цевче за сок!

Времето минуваше, но транзицијата никако да мине, а од ден на ден ништо повеќе не беше исто. Наместо пејачките, водителките, манекенките, спортитистите… политичарите станаа главни ѕвезди, што натера  многумина да си го бараат чарето, фаќајќи си го патот надвор од земјата.

Меѓу нив и тој… Денес Миодраг Мио Ристиќ живее во Марбеља во Шпанија.

Информациите, иако неофицијални, говорат дека како и тогаш и денес, иако е опкружен со најубавите жени, „вечниот ерген“ и понатму не е женет.

Впрочем она што цел живот го исполнувало, расположувало, било негов двигател… убавата страна на животот ја живее и денес.

Убавите жени, ноќните забави, модните збиднувања, светскиот џет сет се повторно тука, а со нив и Мио. Само на едно друго, поразлично и повисоко ниво… Светско! Иако за жал, далеку од дома.

 

Останати вести од Радио Милева