Радио Милева
со наши пари по нивни критериуми...

Министерството за култура е „глувонемо“ за македонска музика и нема „чувство за осет“ за домашната естрада: И „ДНК“ и „Last Еxpedition“ ги „извисија“!

Министерството за култура е „глувонемо“ за македонска музика и нема „чувство за осет“ за домашната естрада: И „ДНК“ и „Last Еxpedition“ ги „извисија“!

Резултатите од конкурсот на Министерството за култура за финансиска поддршка на проекти од национален интерес во културата, како и секоја година и оваа кренаа многу прашина, предизвикаа бура од незадоволства, отворија многу дилеми: Дали, кој, колку, за какви проекти, по кои критериуми и приоритети… треба да биде финансиски помогнат и субвенциониран! Дали партискиата припадност, етничкиот клуч или личните вкусови и интереси одново не беа во прв план, на штета на уметничките квалитети, естрадната популарност, минатиот труд, остварените резултати, оставените заслуги, квалитетот на понудата на она, за што е барано да биде субвенционирано…?

Едни задоволни „мудро молчат“ и триат раце, други нездоволни пукаат од сите орудиа по „непринципиелната распределба“ на финансиските средства. Најмногу од нив се чини се оние од македонската естрада или поточно од поп-рок сцената, од која повеќето што конкурираа беа „прескокнати“.

Едни од оние што останаа „извисени“ од Министерството за култура се и макеонското ар ен би дуо „ДНК“. Панчо и Андреј најавувајќи го својот јубилеј – 20 години постоење, разочарани и лути испратија реакција до јавноста преку медиумите:

„Оние кои не пратат и следат знаат дека оваа година како ДНК славиме еден (за нас) голем јубилеј од 20 години постоење, кое ќе го прославиме со голем солистички концерт во арената “Борис Трајковски”.

Датумот наскоро ќе биде објавен, а до тогаш сакаме да споделиме една информација со вас целокупната јавноста и сите медиуми.

Денес, (17 јануари 2022) штотуку ја добивме информацијата, која воедно е големо разочарување за нас. Официјално, без никакво образложение сме одбиени од страна на Министерството за култура каде што најчесно и со целосно коректно доставена документација конкуриравме на годишниот конкурс за финансирање на проекти од национален интерес во културата од областа на музичката и музичко-сценската дејност.

Да не бидеме погрешно сфатени не се жалиме, туку само сакаме да ви ја доловиме ситуацијата како е третирана македонската поп индустрија и воопшто македонската музика. Затоа и сцената е таму каде што е и не гледаме светла иднина додека вака сме/се третираат македонските артисти.

Станува збор за ЈУБИЛЕЈ од 20 години. Ако бенд со 20-годишна кариера, кој зад себе има преку 60 синглови, 3 албуми, 2 големи соло концерти (Скопски саем), еден анплагд концерт (Универзална сала) , безброј настапи низ државата и надвор од неа, презентирајќи ја државата, нѐ множат со НУЛА, што останува останатите за останатите наши колеги и оние млади артисти кои започнале кариера или планираат да ја започнат.

Ова е тотално омаловажување, деградирање и непочитување на своето. За жал, секогаш сме биле деструктивни како нација и секогаш туѓото се ценело многу повеќе.

Ние концертот ќе го направиме како и да е бидејќи, пред сѐ, тоа ѝ го должиме на нашата публика која нѐ следи изминативе 20 години и ќе бидеме среќни и радосни со секој еден што ќе ни направи чест да дојде таа вечер, која за нас ќе биде еден од најбитните денови во нашите животи.

Жалиме што сме родени во оваа држава, но ја сакаме Македонија, бидејќи тука е нашата публика заради која сме тоа што сме денес и воедно која, според нас, е НАЈДОБРА на свет, а тука се и нашите СРЦА.

Министерство за култура нека ви служи на чест.

Се гледаме на концерт.

Со почит,  Панчо и Андреј„ – напишаа во својата реакција членовите на македонското ар ен би дуо „ДНК“!

Од рокерите, кои најчесто беа „изоставени од колачот“ реакција и од култната македонска алтер-рок група „Ласт Експедишн“, која на сцената постои повеќе од 30 години. Еден од нејзините лидери, вокалот на бендот Енис хаџиќ – Енко, јавно на својот Фејсбиук профил го прозва Министерството за култура и особено Комисијата за музичко – сценска дејност , во чија надлежност беа одлуките за доделување финансиска помош за проекти за кои конкурирале и членовите на „Ласт експедишн“, кои исто така „извисија“:

„Втора година по ред како Министерството за ‘култура’ го одбива за средства еден од најзначајните македонски бендови икад LAST EXPEDITION. Претходните три години не ни конкуриравме бидејќи знаев каков ќе биде крајниот резултат. Знам дека сме прогласени за неподобни кај некои ‘фаци’ од повисоките кругови, ама од друга страна многу ми е ќеиф што немам ист вкус со доле наведените.

‘Шефот’ што знае за еден ден да напраи, оваа петорк (а од бендот) не е способна за цел живот. Сите останати ве сакам многу и бидете ми здрави, живи, позитивни и среќни“ – напиша Енко во своето обраќање јавно вперувајќи го прстот токму во споменатата комисија како најголем виновник за „немање слух“ за домашната поп-рок естрада и нејзиното музичко творештво, на чии членови истакнувајќи ги со име и презиме им порачал: „Не очекував ништо друго од луѓе со ваков ‘капацитет’“.

Ова се само двата најеклатантни примери, а нив ги има уште… Со право или не, децениите опстојување на сцената, резултатите во вид на албуми, песни, спотови, концерти… и конечно нивната публика се најдобрата „комисија“ која суди и оценува, кого за што го бидува и кој што и колку заслужува!

Фото: Фејсбук принтскрин/Enis Hadjikj/Стефан Рајхл/Маја Аргакијева/ДНК

Останати вести од Радио Милева