Мегафон

Здружение на културни промотери: Моќен глас за развој на културниот сектор

Здружение на културни промотери: Моќен глас за развој на културниот сектор

Кризата предизвикана со пандемијата на коронавирусот и забраната за одржување културни настани, отвори нов процес на поврзување и на здружување на продуцентите, промотерите и организаторите на културните случувања во државата.

 

Пред неколку денови во јавноста се појави новооснованото Здружение на културни промотери, како невладина и непрофитна организација, формирана од потребата за тело кое ќе биде глас на промотерите во полето на културата.

 

– Иницијативата потекна од организациите што во изминативе неколку децении се истакнаа како најреномирани организатори на музички/културни настани (МКЦ Скопје, „Пасворд“, „Авалон“, СЏФ, „ПМГ Рекордингс“), но веднаш се приклучија и помалите организации и поединци во оваа индустрија.

Со оглед на фактот дека неактивноста и неработењето почнува да резултира со силно непродуктивна, психички и финансиски неодржлива ситуација, решивме да понудиме пакет мерки и норми за однесување и работа, во правец музиката и културата полека да се вратат во секојдневниот живот. Она што го нудиме е детално разработен модус за изведба на културни настани, со максимално почитување на здравствените мерки.

Сметаме дека музиката и културата ќе мора да бидат едно од главните орудија за борба со невидливиот непријател – вирусот, а оваа борба ќе потрае уште некое време – изјави Мирко Попов од „ПМГ Рекордингс“, еден од иницијаторите на здружението.

На списокот на институции и продуцентски куќи на здружението се наоѓаат Младинскиот културен центар во Скопје, „Пасворд продукција“, Скопје џез фестивал, „Авалон продукција“, „Подиум“, „Сан продакшн“, „ПМГ Рекордингс“, „Фанки фреш“, „Прагма продакшн“ и „Шур шоц“.

Тоа значи дека својот глас во развојот на стратегиите и можностите за подобрување на условите за работа во културниот сектор го здружија фестивалите „Здраво млади“, „Охрид колинг“, „Скопје колинг“, Оф-фест, Д-Фестивал – Дојран, „Таксират фестивал“, „Грин бич фестивал“, „Пин мјузик – конференција и шоукејс“, „Скопје стрит фестивал“, „Земјотрес“ и „Скопје винил конвеншн“.

 

Извор: „Културен печат“ број 36,  печатено издание на „Слободен печат“ од 20-21 јуни 2020