Мегафон

Започнува Евросонг 2018: Вечерва ќе стискаме палци за „Ај кју“

Започнува Евросонг 2018: Вечерва ќе стискаме палци за „Ај кју“

Вечерва со почеток од 21.00 часот започнува 63. издание на изборот за песна на „Евровизија“, а во рамките на првата полуфинална вечер се натпреваруваат и нашите претставници „Ај кју“, кои боите на Македонија ќе ги бранат со темата „Lost And Found“.

Групата составена од Бојан Трајковски, Марија Ивановска и Иво Митковски, заедно со придружните вокалистки Дина Јашари, Антонија Гиговска и Валери Димовска, ќе настапат под реден број 11.

На евровизиската сцена во арената „Алтис“ во Лисабон вечерва ќе ги видиме и претставниците на нашите соседи Албанија, Грција и Бугарија, како Хрватката Франка Бателиќ и Израелката Нета Барзилаи, чиј хит „Toy“ сè уште е најголемиот фаворит за победа на обложувалниците.

Имајќи предвид дека целосните настапи годинава остануваат мистерија сè до самиот настан, се надеваме дека нашата екипа ќе ги освои евровизиските гледачи и ќе ја добие потребната поддршка за да продолжи во саботното финале.

Претпоставуваме дека организаторите и домаќинот Португалија подготвиле уште едно одлично шоу, а сето тоа ќе го дознаеме од преносот во живо на првиот канал на МРТ или онлајн на официјалниот Евровизиски канал на Јутјуб, со почеток од 21.00 часот.