Мегафон

Влатко Стефановски, Миле Кузмановски, Тамара, „Сирилик“… на „Пивофест 2019“

Влатко Стефановски, Миле Кузмановски, Тамара, „Сирилик“… на „Пивофест 2019“

Прилеп се подготвува за 17. издание на популарниот фестивал на пивото – „Пивофест 2019“, кој годинава ќе се одржи од 18 до 21 јули. Како и секогаш, посетителите ќе имаат можност да дегустираат бројни видови на пива и скара, притоа да уживаат со музиката на едни од најпопуларните македонски и регионални музички имиња.

Имено, честа да настапат на првиот фестивалски ден ја добија „Прилепски еснаф“, легендите на македонската традиционална музика Селимова – Желчевски, гостите Ѓорѓе Давид и Ивана Негатив, а вечерта ќе ја затвори еден од најактивните рок-бендови „Галија“. Следната вечер публиката ќе се забавува со нашите Миле Кузмановски, Ален Хасановиќ и бендот „Кантурови“, а последна ќе настапи балканската ѕвезда Цеца. Во сабота, на 20 јули, вечерта ќе ја отворат прилепчаните „Д хаундс“, а по нив ќе настапуваат легендарниот Влатко Стефановски, популарната српска четворка „Фрајле“ и нашата најуспешна евровизиска претставничка Тамара Тодевска. На последниот ден од фестивалот ќе свират „Бен Ху“, „Кал бед“, гостите од Загреб – Сања, Маринко и Зец од „Нови фосили“, а вечерта ќе ја затворат едни од најпопуларните музички имиња од Прилеп – братското дуо „Сирилик“.

Локацијата и понатаму останува иста, а за посетителите од другите градови  ќе биде организирано кампување на паркот на револуцијата. Новините кои  ќе ја збогатат програмата се наменети за најмладите и за оние кои сакаат подобро да го запознаат Прилеп.