Мегафон
роденден

Вистина.ком.мк, 7 години со Вас: Естрадно – забавна „лектира“ за читателите и… препишувачите!

Вистина.ком.мк, 7 години со Вас: Естрадно – забавна „лектира“ за читателите и… препишувачите!

20 ноември, ден денешен, 2013 година… Пред 7 години се “роди“ нашиот портал, осамна првиот текст на Вистина.ком.мк… Тогаш  уште еден нов медиум, денес познат, признат, етаблиран и што е најважно многу посетуван и читан портал. Бевме и останавме Ваш медиум. Не дека ги нема доволно. Напротив. Или дека меѓу другите нема и доволно добри. Ни случајно, иако не нема многу. Но, нам уште од првиот ден не ни е целта да бидеме подобри од некого. Целта ни беше да бидеме поразлични. Уникатни, препознатливи, оригинални, единствени…  Не бренд за себе, туку бренд сам по себе. Препознатлив штом му се спомене името.  Затоа за сите овие години се потрудивме да не бидеме еднолични, исплакнати и само едни од многуте.

Ние од првиот објавен текст ги создаваме информациите наместо да чекаме сами да ни дојдат,  им одиме на настаните и збиднувањата во пресрет, наместо да чекаме некој друг да ни раскаже што таму се случило, а ние само тоа да го преџвакаме, постојано гребеме под површината за да ја ископаме вистината, наместо компромисно да Ви сервираме фингирани приказни, испеглани информации, премолчени факти, препишани написи…!

Ветивме дека ќе бидеме интригантни и забавни,  провокативни и шокантни,  гламурозни и екстравагантни, хумористични и сатирични, но и едукативни и издржани, омилени и омрзнати, информативни и промотивни, сериозни и ригорозни, доблесни и бескомпромисни…  Се со цел да Ви ја доближиме реалноста. И останавме доследни на ветеното. И покрај сите „сцили и харидби“ , бури и премрежја низ кои годиниве минувавме и се’ уште минуваме во овие турболентни времиња и опасни години на живеење. Се’ уште сме тука со Вас и за Вас и планираме уште долго да бидеме, за да Ви ја понудиме вистината на дланка, зошто како што велат, секој има своја вистина, но само една е онаа – „вистинската“.  Или како што ние велиме: Само една има вистина – Вистина.ком.мк… Се’ друго е…  Знаете веќе што. Затоа, од срце Ви благодариме што од првиот напишан збор и првата објавена фотографија до ден  денес останавте со нас. Верна читателска публика, која постојано се зголемува, расте… Ние и понатаму ќе бидеме првите што ќе се потрудат да ви овозможат да дознаете повеќе од тоа што го знаете, или она што вообичаено досега сте можеле да го дознаете.

Но, ние  не нудиме само повеќе. Нудиме нешто сосема поразлично!  Зашто сме естрадно-забавна лектира, не единствена по својата содржина, туку по начинот како таа содржина е презентирана, пласирана, напишана, кажана, обзнанета, објавена…

Естрадно – забавна „лектира“  за читателите. Но и за препишувачите во овој виртуелен хаос, во ова онлајн „село без кучиња“, во кое мнозинството „лингури“  секојдневно безидејно талкаат од портал до портал, бесрамно крадејќи од малкуте вистински, за потоа нивното „копи-пејст“ препишување на туѓите идеи, истражувања, коментари, написи… да го преставуваат како свое дело.  Затоа, само една има Вистина… Единствена оригинална, уникатна, препознатлива… Вистина.ком.мк! Ова се нашите први 7 години… Наши и Ваши, за што од се’ срце Ви благодариме на времето, вниманието, лојалноста, довербата… која никогаш нема да ја изиграме, нема да ве изневериме!