Мегафон

Васил Гарванлиев наскоро со нов проект: „Дом, патување, љубов“

Васил Гарванлиев наскоро со нов проект:  „Дом, патување, љубов“

Талентираниот пејач Васил Гарванлиев, кој за прв пат на македонската публикаи стана познат по детскиот хит „Марионка“, годинава ќе го има и своето прво евровизиско искуство, настапувајќи како еден од придружните вокали на Тамара Тодевска, заедно со Александра Јанева и Антонија Гиговска.

Струмичанецот  кој лани се врати на сцената со етно темата „Ѓердан“ која наиде на позитивни критики кај домашната публика,  сега на повидок има нов проект, симболично насловен „Дом. Патување. Љубов“.

„Времето се наближува за мојот втор проект со кој ќе се навратам на нашите корени, и истовремено ќе оддадам почит на нашата богата македонска музика. Заедно со извонредениот гитарист Горан Алиќ, снимивме анплагд-видео во живо со избрани македонски песни од последните 60 години. Дом, патување, и љубов се трите столба и нишката помеѓу нив што ги врзува убавите спомени, и нè потсетува од каде сме, каде живееме, за што се бориме, и кон што се стремиме истовремено. Музиката е нераскинлива врска што нè спојува сите нас, и воедно мојот личен универзален пасош кој ми ги отвара сите врати како глобален музички амбасадор. Допирам до нашите корени за да потсетам, споделам и ја едуцирам глобалната публика за нас и нашето богатство, а паралелно на тоа работиме и на оригинална музика која ќе биде објавена во блиска иднина. Благодарам од сè срце на сите кои ми веруваат и кои ме подржуваат уште од првиот ден. Без Вас ништо не ќе беше возможно. Ве сакам повеќе од тоа што можам да напишам“, вели Васил во соопштението на Фејсбук, најавувајќи дека видеото наскоро ќе биде објавено на неговиот канал на Јутјуб.