Мегафон

Уште едно ѕвездено небо: Спектакуларен концерт во чест на Тоше Проески (фотогалерија)

Уште едно ѕвездено небо: Спектакуларен концерт во чест на Тоше Проески (фотогалерија)

Неговите песни се музика без граници, неговите фанови се многубројни, а тој е еден и единствен – Тоше Проески.

Поминаа 11 години од неговата трагична смрт,  а неговите песни колку и да се хитови и да се слушаат, никој нема да ги отпее како него, со емоција, харизма, насмевка, енергија…

Вчеравечер (02.ноември) во салата „Борис Трајковски“ се одржа концерт во чест на Тоше Проески, каде што неговите колеги од Македонија и регионот ги отпеаја неговите песни, а беа промовирани и песните од постхуманиот албум „Secret Place“.

Концертот го отвори водителката Миланка Рашиќ која посвети неколку зборови за легендата.

 

Вистинската атмосфера започна со песната „Игри без граници“, а неговите верни фанови го направија ѕвезденото небо.

Први на сцената настапија Огнен Здравкоски и Денис Димовски кои ја отпеаја песната „Лагала нас мала“.

Александра Јанева продолжи со „Рани на усните“, а „Ледена“  беше во изведба на Антониа Гиговска.

И неговата насмевка сите ја сакаа, а во салата „Волим осмех твој“ ја отпееја Гиговска и Александар Тарабунов.

Публиката развеселена, распеана во еден стих ги пееше песните на нашиот Тоше, а „Фрајле“  ја отпеа „Во коси да ти спијам“.

На сцената се појави бремената Тамара Тодевска која дојде да му покаже чест на својот колега и пријател. Тој ни беше најдраг на сите, а Тамара сношти ја пееше „Најдрага моја“.

Еден беше Тоше, а синоќешната вечер многумина ќе ја паметат.

Беше единствен, а неговиот безвременски хит „Полско цвеќе“ го отпеа Бојан Маровиќ

„Твоите бакнежи на моите бели кошули“ ја изведе неговиот колега Наум Петрески.

На сцената не изостана и Данил Кајмакоски кој заедно со Ања Рупел ја отпејаа „Краjње време“, а „The hardest thing“ ја отпеа Даниел.

Внукот на Тоше Проески пред присутните во салата ја промовираше својата нова песна „We are blood“, а поддршка доби од публиката која го поздрави со силен аплауз.

Присутните во салата ги поздрави и продуцентот Енди Рајт кој прво се обрати на македонски и рече „Ве сакам сите“.

Тој истакна дека Тоше ќе беше голема светска ѕвезда.

На сцената се појави и Тијана Дапчевиќ која го отпеа хитот „Тајно моја“, Каролина Гочева ја изведе „Немир“.

 

И колегите од регионот и покажаа почит на нашата ѕвезда односно Борис Новковиќ кој ја изведе „Цреша“, а Александра Радовиќ „Чија си“.

Како изненадување беше и кога бендот на Тоше ја отпеја песната „Срце није камен“.

Иако во сите најави стоеше дека и името на Јелена Томашевиќ која ќе биде дел од концертот и ќе отпее некоја песна од Тоше, таа не се појави на сцена.

Концертот заврши со промоција на видео спотот за песната „Secret place“ и со зборовите кои Тоше секогаш ги изговараше “Ве сакам сите“.

фото: Христина Ѓоргиевска/вистина.мк