Мегафон

Те сакаме Скопје, и оваа битка ќе ја извојуваме

Те сакаме Скопје, и оваа битка ќе ја извојуваме

Данило КОЦЕВСКИ
писател, хроничар на градот

Скопје е нашата душа, нашиот живот, сме знаеле често пати нежно да му изјавуваме љубов и почит на нашиот град. „Скопје го сакам повеќе од себе си“, ми изјавувале многу наши сограѓани кога по којзнае кој пат, така, стоејќи на улица сме евоцирале спомени за старите маала, за босите детски нозе и врелата летна калдрма, за првата љубов од правливиот сокак, за плажите, за првото корзо, за првото кино и театарска претстава во Куклениот театар, за чекање пред „Кооператива“, за седење во „Ванила“, за свирките во „Пролеќе“. Денес Скопје, како и Македонија и целиот свет е под тешка закана на пандемијата од коронавирусот. Но Скопје издржало многу нешта во својата историја, ќе ја надмине и оваа закана. Повторно ќе биде победник.

Затоа и гласно извикуваме:

Само храбро, Скопје, сето ова ќе го пребродиме, зарем некој воопшто може да ни се заканува нам и на нашата љубов кон тебе?

Се разбира, треба сите разумно да се повлечеме во изолација пред невидливиот противник, не затоа што се предаваме, туку умно да ја извојуваме победата според советите на медицината. Повлекувањето не значи пораз, туку одбрана пред престојната победа која само така може да ја извојуваме. И ќе ја извојуваме.

Скопје доживувало разни освојувања, војни и разурнувања, потопи и апокалипси, земјотреси и поплави. Но секогаш повторно се раѓало од пепелта. Градот доживувал невидени закани од чумата, маларијата, шпанскиот грип. Кога генералот Пиколомини го запалил Скопје на 26 и 27 октомври 1689 година, чумата беснеела во градот и во целиот регион. По победата над Махмуд паша, неговата армија била распоредена на влезот од градот, од неговата западна страна, од кај Римскиот аквадукт. Бил предупреден самиот да не влегува во градот, да стои понастрана и во изолација, бидејќи во Скопје беснеела чума. Генералот, сепак, влегол во градот, а Скопје го каснало дирекно во срцето: самиот бил заразен со чума. Враќајќи се назад со војската преку Качаничката клисура, по само неколку дена, починал на Косово. Некои аналитичари на разни начини го толкуваат овој чин, меѓу другото и фигуративно, како одмазда на градот за безмилосното опожарување и уништување.

Помалку е познато дека во текот на Првата светска војна, во 1915 година, кога Англичанката Леди Пеџет отворила болница во Идадија за сојузничките сили и по повлекувањето на војските, Скопје западнало во тешка криза, со недостаток од основни артикли, но и болести. Несебичната помош на Леди Пеџет (останала да му помогне на Скопје, не се повлекла со војската) е од исклучително значење за градот.

По Првата светска војна Скопје го зафаќаат неколку епидемии, главно од 1918 до 1920, но и потоа, кои имале светски размери. Пред се маларијата, која се провлекувала долги години потоа, особено фатална била шпанската грозница која одзела повеќе животи од оние кои загинале во Првата светска војна. Во тој период во градот се отвораат повеќе институции од превентивната медицина и грижата за јавното здравје, најпрвин бактериолошка станица, а потоа Хигиенски завод и Тропски институт.

Скопје секогаш бил градот феникс на Вардар. Затоа со полни гради, чисто срце и многу љубов велиме:

Само храбро, Скопје, не постои тешка и кризна ситуација која ти не можеш да ја надминеш. И ние заедно со тебе. Заедно со луѓето херои од медицината и сите кои помагаат во оваа криза, на кои треба бескрајно да сме им благодарни за нивната пожртвуваност и алтруизам.