Мегафон

Свечено отворен годинешниов Евросонг 2021

Свечено отворен годинешниов Евросонг 2021

Интересни тоалети и костуми, впечатливи фризури и драматична шминка – претставниците  на Евровизија 2021 се појавија на тиркизниот килим во гламурозни изданија, на свеченото отварање на 65. издание на престижниот музички настан.

                                                   Претставничката на Албанија

Оваа година, црвениот килим се претвори во тиркизeн благодарение на официјалниот  партнер Мороканоил, експерти за нега на коса и тело.

                                                    Претставничката на Хрватска

Предизвиците создадени од пандемијата КОВИД-19 значеа дека протоколите за здравје и безбедност се следат и се донесуваат до последната минута, и дека делегациите од Полска, Исланд, Малта и Романија за жал не беа во можност да се придружат на овој настан.

                                                   Претставничката на Бугарија

Со здравјето и безбедноста на врвот на агендата, уметниците почнаа да пристигнуваат на Ротердамското пристаниште откако Ахмед Аботалеб, градоначалникот на Ротердам, го прогласи Евросонг за отворен и го пофали залагањето на организаторите да направат музички спектакл во вонредни услови.

                                                    Претставникот на Италија

Нашиот евровизиски претставник Васил Гарванлиев , облечен во екстравагантна креација на Раде Василев & Tip Top, со надградената круна од огледала од 2019 година на главата, објави дека е подготвен за полуфиналето на 18 мај каде настапува како 6-ти по ред.

Второто полуфинале е на 20 мај, а финалето е на 22 мај.

                                                   Претставничката на Кипар

Евровизиската песна  “Here I stand” ја напиша самиот Гарванлиев, како што вели, во еден здив, додека пак во аранжирањето и оркестрацијата се вклучија Борче Кузмановски и Давор Јордановски. Песната го истакнува класичниот вокaлен тренинг на артистот, што во комбинација со класичарската музичко-сценска дисциплина е одлична формула за успешно справување со евровизиските предизвици. Но, можеби најсилниот адут во пакетот е природноста и автентичноста на звукот, затоа што Гарванлиев во композицијата е целосно свој.

                                                   Претставниците на Молдавија

-Задоволен сум како помина првата проба, воодушевени сме од реакциите и пречекот во Ротердам. Арената Ахој вибрира со позитивна  енергија и насмевки и покрај сите протоколи за заштита и рестриктивните мерки. Пресреќен сум што конечно сме тука и следните две недели ќе дадеме се од себе да ја претставиме Македонија во најдобро светло. Тимот и јас сме спремни и ќе продолжиме со исто темпо, изјави Гарванлиев  ексклузивно за „Независен“ по првата проба на евровизиската песна “Here I stand” .

                                                   Претставникот на Норвешка

На 24 мај 1964 година се случи првиот избор за песна на Евровизија, музички натпревар организиран од Европската Радиодифузна Унија и традицијата на ова музичко обединување на Европа трае веќе 65 години. Јубилејното издание на најголемото аудио-визуелно шоу на континентот не блесна во полн сјај минатата година, од причини кои денес веќе ги нарекуваме новото нормално, но гледајќи на позитивната страна, земјите учеснички добија втора шанса за прв впечаток, а Европа по втор пат е во еуфорија и исчекување на 65-тиот евровизиски јубилеј.

                                                    Претставничката на Русија

Директните преноси од сите три евровизиски вечери ќе можете да ги проследите на Првиот и Вториот канал на Македонската телевизија, како и на Првата програма на Македонското радио, со почеток во 21 часот.

                                                   Претставничките на Србија

Извор: Музика24

Фото: ЕБУ