Мегафон
граѓанска иницијатива

„Солидарни за срцето на Скопје“ – граѓаните на собирот за спас на „Универзална сала“ со јасна порака: Реконструкција и санација на истата локација, наместо нејзино уривање и дислокација

„Солидарни за срцето на Скопје“ – граѓаните на собирот за спас на „Универзална сала“ со јасна порака: Реконструкција и санација на истата локација, наместо нејзино уривање и дислокација

Најавениот собир за поддршка на „Универзална сала“ се одржа вечерва, вторник, 11 август 2020 година,  пред платото на салата во 20 часот. Собирот во организација на граѓанската иницијатива „Солидарни за срцето на Скопје“ имаше доволна масовност на која беа запазени препораките и здравствените протоколи за носење заштитни маски и социјална дистанца на присутните заради корона епидемијата.

Од собирот  граѓаните испратија јасна порака и апел дека „Универзална сала“ мора да остане на истата локација, но затоа побараа нејзина санација, промена на салата во ново руво и реконструкција со која ќе бидат запазени сите светски стандарди кои треба да ги поседува една современа концертна сала: од инфраструктура, комодитет на публиката, современа сцена, квалитетна сценска, звучна и светлосна техника, па се до врвна акустика,  наместо нејзино уривање.

Поддршка на иницијативата дадоа и дел од познатите македонски музички и естрадни уметници, актери, организатори, промотери…, а настанот го проследија и голем број новинари од различни македонски медиуми.

„Универзална сала е еден од симболите на Скопје, таа е обележје на градот, храм и светилиште на културата и уметноста, место каде најпознатите домашни, регионални и светски уметници од разни профили оставиле дел од својата уметничка душа на neјзината сцена, ја разменувале својата креативна енергија со публиката, го презентирале своето врвно уметничко творештво… Но, Универзалнасала како објект кој е подарок од 20-ина земји од светот на разурнатото Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963-та година е и симбол на хуманоста и солидарноста на човештвото на еден град и  кон еден народ во неговите најтешки денови и премрежја…“ – се само дел од цитираните зборови кои познатите поединци или обичните граѓани ги разменуваа меѓу себе или во изјавите за медиумите.

Затоа, „Универзална сала“ не смее да се урне, туку мора да се направи се’  таа да опстои и продолжи да постои , да го сочува овој лик, но во ново руво, со нов декор, на истото место – во срцето на Скопје!