Мегафон

СОКОМ и годинава учесник на Генералното собрание на Европската алијанса на композитори

СОКОМ и годинава учесник на Генералното собрание на Европската алијанса на композитори

Редовното есенско Генерално собание на ECSA (European Composer and Songwriter Alliance – Европска алијанса на композитори) кое оваа година се одржа од 17 до 19 септември во Белград, свечено беше отворено во просториите на Српското здружение на композитори, со поздравен говор на министерката за култура на Белград, Ивона  Јефтиќ.

Сојузот на композиторите на Македонија е активен член на оваа значајна европска асоцијација од самото нејзино основање во 2006 година и досега редовно учествува во бројните нејзини активности и проекти, особено во комитетот за сериозна музика (еcf). Уметничкиот одбор на еден од позначајните проекти на ЕСЅА, ЕССО (Еuropean Contemporary Composers Orchestra), проект во кој реномирани активни ансамбли и оркестри го претставуваат музичкото шаренило на современа Европа во последните пет години е претседаван од претставникот на СОКОМ во ЕСЅА, композиторката Јана Андреевска.

Во изминатиот период композиторот Михајло Трандафиловски два пати ја претставуваше Македонија на програмата на овој проект – вториот пат со неговиот најнов гудачки квартет кој во Брисел оваа година со огромен успех го изведе реномираниот квартет „Диотима“.

Инаку, на концертот на ЕССО во Белград, во полната сала на Коларчевиот народен универзитет, носител на програмата беше Симфонискиот оркестар на РТС под диригентската палка на Бојан Суџиќ, кој изведе дела на композитори од Србија, Финска, Естонија, Италија и Белгија.

Во своите рамки, ECSA ги обединува здруженијата на композитори ширум Европа, преку нивните претставници од областа на популарната, филмската и сериозната музика. Алијансата се занимава со прашања кои го засегаат местото и третманот на современите музички творци од сите жанрови, горливи теми во однос на третманот на авторските права во европската легислатива, родови проблеми и сл. Еден од поголемите скорешни успеси на ЕСЅА во однос на лобирањето за заштитата на авторските права е усвојувањето со огромно мнозинство во Европскиот парламент на новиот законски предлог на скицираната Директива за авторски права во рамки на рамката за авторски права на ЕУ.