Мегафон

Скопје танцов театар одбележува 10 години постоење

Скопје танцов театар одбележува 10 години постоење

Скопје танцов театар (СТТ) денеска одбележува 10 години од првата претстава „Меѓусвет“, во кореографија на Рисима Рисимкин. Со оваа претстава и официјално започна со работа првата официјална компанија за современ танц кај нас. Во чест на јубилејот, в петок од 20 часот онлајн ќе се прикаже претставата „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“.

Премиерата на претставата беше лани на Охридско лето.

Во своето 10-годишно постоење, Скопје танцовиот театар успеа да оформи извонреден танчарски кадар, во соработка со Скопје танцовата академија, а од 2017 и со Универзитетот ‘Гоце Делчев’ во Штип. Компанијата во континуитет активно работи на создавање, промоција и презентација на современата танцова уметност кај нас, како и на нејзин пласман на светската танцова сцена, вели Рисимкин.

Досега во продукција на СТТ се остварени претставите „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“, „Идентитети“, „Дома“, „Луцидниот Јос“, „Меѓусвет“, „Орландо“, „Д.О.Л.“ и „Егзистирање“, како и повеќе кратки кореографии. Во неговиот репертоар се изведуваат и дела на светски познати кореографи. Компанијата ги лансираше и младите кореографи Адријана Данчевска, Дејан Битровски, Матеа Киселичка, Дора Кокољ, Валентино Апостоловски, Александра Петрушевска, Андријана Андреева и други.

Како круна на своето десетгодишно постоење, Скопје танцовиот театар има покана годинава да гостува во Националниот театар Шајо во Париз, еден од најдобрите и најпрестижни светски театри за современ танц, додава Рисимкин.

 

Останати вести од Мегафон