Мегафон

Симон Трпчески со одбрана екипа снима албум во студиото „М1“ на МРТ

Симон Трпчески со одбрана екипа снима албум во студиото „М1“ на МРТ

Македонскиот пијанист со светски глас Симон Трпчески со одбрана екипа колеги во легендарното студио М1 на Македонската радио телевизија ги снима материјалите за новиот компакт диск, соопшти  КултурОп.

Чест ми е што можеме на некој начин да го оживееме ова фантастично студио што Македонската радио телевизија и Македонија воопшто го поседува. Тука во моментов снимаме материјал за нов албум со дела од современата класична литература за камерна музика: „Квинтет“ на Панде Шахов, специјално адаптиран за нас, како и делото „Дивертименто за секстет“ од францускиот композитор Гијом Конесон, во аранжман на нашиот перкусионист Влатко Нушев. Со мене се дел од колегите од проектот „Македонисимо“: освен Нушев, Хидан Мамудов и Александар Сомов, како и уште двајца фантастични колеги: нашиот врвен виолинист Ѓорѓи Димчевски и одличниот виолист Сорин Спасинович од Романија. Се надеваме дека ова ЦД многу скоро ќе излезе под престижната етикета на британскиот „Лин Рекордс“. Драго ми е што овој проект во време на пандемија се остварува со еден поголем тим во кој се и „КултурОп“ и Македонската радио телевизија, изјави за МРТ Трпчески.

Изминатиот период Трпчески во Берлин сними материјал за уште еден нов албум со солистичка пијанистичка литература од германски автори што исто така ќе го издаде „Лин Рекордс“. Концертната рестрикција предизвикана од пандемијата остави печат и на неговиот распоред, па минатиот месец се одржаа само концертите во Букурешт.

Веќе в петок (9 април) Трпчески во Катовице ќе настапи со Оркестарот на полското национално радио. Во план се и настапите со Оркестарот на Минесота во САД и концерт со Националниот оркестар на Франција во Париз на крајот од април.

Наредниот месец најавени се рецитал во рамките на Интернационалните пијано серии во Лондон, како и концерт со Софиската филхармонија, соопшти „КултурОп“.

Останати вести од Мегафон