Мегафон
македонски таленти

Сестрите Соколовски и оваа сезона се едни од најдобрите во ритмичка гимнастика во Германија

Сестрите Соколовски и оваа сезона се едни од најдобрите во ритмичка гимнастика во Германија

Сестрите Илина (13) и Ева (9) Соколовски со прво и трето место ја завршија сезоната на натпревари по ритмичка гимнастика во Германија и се едни од најдобрите во овој спорт. Ева во завршниот турнир го освои првото место, односно златниот медал во нејзината категорија, додека Илина го освои бронзениот медал, односно третото место. Завршниот натпревар, кој е традиционален летен турнир за летен пехар се одржа во Минстер и по големата победа Илина и Ева заминуваат на заслужен одмор, кој секако ќе биде исполнет со тренинзи бидејќи од есен ги чека нов предизвик и нови победи.

„Илина и Ева досега од ниеден турнир не се вратиле без пехар. Ева досега има 12 натпревари и од сите 12 се вратила со прво место. Илина иако има 12 години од последнава сезона поради големиот талент се натпреварува во категорија на спортисти во групата од 15-16 години. Таа минатата година имаше и еден интернационален настап во Украина, каде го освои првото место и беше прогласена за принцеза за ритмичка гимнастика. Овој пат го освои третото место, но со многу мала разлика во поени. Иако и двете се со македонски пасош, сепак, Германија многу вложува во нивниот талент и во клубот каде тренираат доаѓаат светски тренери да им ги покажат вештините во овој спорт“ – вели нивниот татко Горан Соколовски.

Дека македонските девојчиња Илина и Ева се гордост на Германија покажува и фактот што после секој турнир и награда медиумите не штедат зборови за пофалба. Годинава Илина на турнирите четири пати била прва, додека Ева од три натпревари сезонава три пати се вратила со златен медал. Затоа и германските медиуми за нив велат дека каде и да настапуваат се враќаат со награди и дека станатите натпреварувачки треба да се плашат од нивниот талент и успех. „Од секој турнир се враќаат со награди.

Браво за Илина која поради големиот талент и умешност се натпреварува во категорија на спортистки кои се поголеми д неа и на Ева која знае само за прв место“, пишува меѓу другото во медиумите во Германија. Колку Илина и Ева се познати и признати покажува и фактот што дел од фирмите веќе ги ангажираат за заштитни лица за рекламирање на нивните производи.

Илина и Ева заминуваат на летен одмор во Македонија, каде секој ден со наши тренери ќе вежбаат по неколку часа на ден. Од есен ги очекува нова сезона со нови успеси.