Мегафон

Прв џез фестивал „Jazz Factory“ во Битола

Прв џез фестивал „Jazz Factory“ во Битола

Од 18 до 20 мај, Битола ќе биде домаќин на првото издание на фестивалот „Џез фактори“ (Jazz Factory). Главната програма ќе се одвива на терасата пред офицерскиот дом, а оф-програмата и работилниците ќе се одвиваат во кафе-барот „Камарите“, кафе-барот „Порта џез“, мезе-барот „Јагода“ и винаријата „Чифлик“.

Идејата потекнува од 2011 година кога џез-музичарот и шефот на катедрата на џез-студиии на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Сашо Поповски, ги започна џез-работилниците „Џез-фактори“, проект кој заврши во 2012 со џез-концерт, а кој минатата година во соработка со МКЦ се одвиваше во општина Могила со 4 работилници. Со текот на времето оваа идеја се развива и тој едукативен центар прераснува во џез-фестивал кој оваа година ќе го има првото издание. Фестивалот е во заедничка соработка со центарот за културна деконтаминација од Битола.

Првото издание носи реномирани светски имиња од џез-сцената, пред сè специјалниот гостин кој доаѓа од Барселона, Душан Јевтовиќ. Тој ќе настапи со неговото трио во кое членува реномираниот Васил Хаџиманов, како и тапанар од Израел кој живее во Лондон – Асаф Сиркиз.

Втората вечер на фестивалот ќе настапат два македонски бендови – „Сашо Поповски трио“ и „Фирс“, кои ќе изведат дел од нивниот прв албум и дел од новиот материјал кој веќе го снимаат.

Фестивалот ќе го затвори Тони Китановски со неговиот бенд. Дел од ова трио е и Иван Бејков.кој е основач и композитор во проектот „Злуст“.

Оф-програмата ќе биде комплетно во реализација на студентите на џез-катедрата од Универзитетот во Штип.

Фестивалот ќе се одвива со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија, општина Битола, а телевизија „Тера“ е медиумски покровител. Работилниците ќе ги одржат Душан Јевтовиќ, Васил Хаџиманов, Асаф Сиркиз и Тони Китановски, а како дел од програмата е и дебатата која ќе ја одржат музичките новинари од цела Македонија.