Мегафон

Протестен марш на иницијативата: „Култура или Фис-култура?“

Протестен марш на иницијативата: „Култура или Фис-култура?“

Уметници и културни работници од иницијативата „Култура или Фис-култура?“ најавија протестен марш по последните случувања во културата во Македонија.

Протестниот марш е закажан за в среда, 3 март, со почеток во 12 часот, од Паркот Ибни Пајко во Скопје.

„Стратегијата за развој на културата 2018-2022 година беше најавувана како ‘Стратегија на ослободување од режимските културни политики на претходната власт’ преку инсталирање на нов модел кој ќе го анулира претходно воспоставениот модел на арбитрарна и клиентелистичка власт, која ја партизира културата, задушувајќи ја нејзината автономија и општествена важност. Мошне впечатлив и значаен момент во документот е ставот дека е неопходно ослободување од затвореноста, нестручноста и непрофесионалноста, од бирократијата и клиентелизмот, од манипулацијата и нетранспаретноста. За жал, културата е далеку од ‘ослободена од заробеноста’ и принципите на Стратегијата изгледаат како хипокритична демагогија на парче хартија, затоа што во реалноста состојбите се дијаметрално спротивни и поразителни. Сѐ уште сме сведоци на партизација на институциите, каде што припадноста на партијата е повисок критериум за избор на раководно лице, член на управен одбор, па дури и обичен вработен, од критериумите на стручност, образование, искуство и компетентност кои произлегуваат од објективното расудување и се предвидени со Закон“ – велат од иницијативата во најавата за протестниот марш.

Оттаму додаваат дека имаат силна волја да помогнат во доследното почитување на „’вашите’ и ‘наши’ принципи“, наведени во националната Стратегија и и ќе упатат пет барања до донесувачите на одлуки.

Барањата се:

1. Разрешување или оставка на новоименуваниот директор на НУЦК „Антон Панов“ – Струмица, поставување на в.д. директор од редот на носителите на дејност и распишување на нов конкурс за избор на директор најдоцна во рок од шест месеци согласно Законот за култура.

2. Измени во членот 27 од новиот Предлог закон за остварување на јавниот интерес во културата и негово усвојување во најбрз можен рок. Измените во членот 27 се со цел заострување на критериумите за избор на директори и во таа насока бараме за неговото назначување да одлучува комисија која нема да биде составена само од членови кои доаѓаат од редот на вработените во Министерството за култура, туку во неа да учествуваат и надворешни, истакнати стручни лица со сериозен кредибилитет од дејноста за која се распишува конкурсот за раководното место. Изборот да се врши транспаретно, со видео и аудио снимка на интервјуата од кандидатите, нивно јавно презентирање, како и јавно објавување на програмите за работа на кандидатите, сѐ со цел да се отфрли сомнежот за манипулација при изборот и да се избегне криењето зад формално-правните процедури. Одлуката за избор на директор да ја носи комисијата согласно конкретно дефинирини критериуми и бодувања, со што нејзината улога нема да биде само едноставно утврдување на комплетноста на поднесените апликации, а со тоа ќе се намали и дискреционото право на Министерот да одлучува и да носи политички одлуки кои се навредливи за културата и целото општество.

3. Вештачење и јавна проверка на приложените документи за докажано работно искуство во областа на културата и конкретната дејност на сите актуелни и идни кандидати за раководните позиции во институциите од културата.

4. Вештачење на приложените сертификати и јавна проверка на познавањето на англиски јазик на сите актуелни и идни кандидати за раководните позиции во институциите од културата.

5. Јавно објавување на програмите со кои конкурирале сите актуелни раководители на институции, програмите на нивните противкандидати, како и јавно објавување на програмите на сите идни кандидати за раководните позиции во институциите од културата.

Останати вести од Мегафон