Мегафон
литература

Промоција на збирката раскази „Не правете им сенка на гробовите“ од Дијана Петрова во МКЦ

Промоција на збирката раскази „Не правете им сенка на гробовите“ од Дијана Петрова во МКЦ

На 25 јуни (четврток), со почеток од 20 часот во МКЦ ќе се одржи промоција на „Не правете им сенка на гробовите“ – збирка раскази од Дијана Петрова. Промотори на книгата се Фросина Пармаковска и Марија Гиревска, а модератор е режисерката Тамара Котевска.

Гнев, сладострастие, алчност, гордост, мрзливост, завист и ненаситност се седумте смртни гревови – страшните искушенија на човековата душа.
Збирката „Не правете им сенка на гробовите“ од Дијана Петрова е обид да се натераат читателите да го забележат она што вообичаено им се искраднува од погледот. Преку отелотворувањето на седумте смртни гревови во тела и во дела, овие раскази длабоко допираат до нашите сетила и свест. Преку ликовите што се доведуваат на работ на лудилото се прикажува апсурдноста на постапките во животот и се поставува прашањето: дали тоа што смртта е неизбежна прави таа да биде нелогична?

Збирката раскази „Не правете им сенка на гробовите“ е мошне возбудливо и уникатно четиво поделено во седум дела со по три целини насловени според седумте смртни гревови – секоја од нив е едно посебно патување внатре низ светот што Петрова го гради со филантропска вештина и внатре низ светот на секој оној што ќе тргне по овие наративни патувања. Светот во кој авторката нè води е и обичен и необичен, мистериозен и банален, близок и далечен, населен со ликови со широка палета од најразлични особености во чија бизарност, сепак, лежи човечкото.
Оваа книга остава жиг, не на телото, туку на душата на читателот, кој сака да тргне во една ваква силна и возбудлива авантура и поради тоа, како и поради зрелоста, умешноста, мудроста на овие раскази, односно на нивната авторка, вели писателката и промоторка на книгата Пармаковска.

Дијана Петрова е родена на 8 април 1992 година во Делчево. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. „Не правете им сенка на гробовите“ е нејзина втора објавена книга.