Мегафон
тажна вест

Почина легендата на југословенската музика Ѓорѓе Марјановиќ

Почина легендата на југословенската музика Ѓорѓе Марјановиќ

Легендарниот југословенски пејач Ѓорѓе Марјановиќ, почина денес, сабота, 15 мај 2021 година, како резултат на коронавирусот  на 89-годишна возраст. Познатиот музичар бил приклучен за апарати за дишење и лекарите се бореле за неговиот живот претходните денови. Ѓорѓе Марјановиќ е една од најголемите  екс југословенски и српска музички sвезди, пејач чија кариера траеше повеќе од половина век.

Тој е првиот пејач кој имал официјални фан клубови во поранешна Југославија, и бил огромна sвезда во поранешниот Советски Сојуз.

Ѓорѓе Марјановиќ е познат југословенски пејач, најпопуларен во текот на 60-тите, 70-тите и 80-тите години на минатиот век во СФР Југославија и според многумина најголемата ѕвезда на југословенската поп музика.

Роден е во Кучево. Средно училиште завршил во Пожаревац, по што студирал фармација во Белград. Откако ги запоставил студиите, заработувал пари истоварувајќи вагони на железничката станица, дистрибуирајќи млеко и весници, работи како инкасатор во Радио Белград и глумел во филмот „Сите на море“ а играл и во југословенскиот драмски театар.

Првпат пеел на аудицијата на поп-пејачи организирана од Здружението на џез музичари на Србија, а во наредниот период пеел и на игранки и забави во градот.

Пресвртницата се случила во 1958 година во Ниш. Душко Раданчевиќ, раководителот на мал белградски оркестар што ги придружувал пејачите и актерите, го поканил да пее на паузата помеѓу настапите на пејачи на забавна и народна музика. Ѓорѓе отпеал четири песни. Публиката реагирала фантастично, барајќи бис.

„Девојко мала“, „Романа“, „Лазарела“, „Свиреж во осум“… се само дел од песните кои беа сакани, станаа хитови, а подоцна и евергрини. Песните на Марјановиќ „Никад није касно“, „Натали“, „Београде“, но и многу други засекогаш ќе останат како тестамент што овој голем уметник им го остави на својот народ кој го обожаваше и, пред сè, го почитуваше. Неговото појавување на телевизија во еден момент ја „фрли“ публиката во делириум. Тој беше првиот музичар кој не стоеше мирен пред микрофонот, туку се движеше, играше,  скокаше, паѓаше на колена, го соблекуваше палтото и го фрлаше во публиката, плачеше на сцената…

Бил учесник на голем број фестивали, снимил пет ЛП плочи и голем број синглови. Пеејќи ја својата песна „Мене нема кој да ме жали“ на концерт во Мелбурн во 1990 година, тој ќе претрпи мозочен удар. Следела борбата на лекарите за неговиот живот, а неговата сопруга веднаш се појавила покрај него. Преживеал, но последиците биле сериозни. Останува без глас, седејќи беспомошен во инвалидска количка. Благодарение на лекарите и на неговото семејство, тој ја започнал борбата за втор живот. Радувајќи се на неговата новородена внука, која постојано ја носеле и му ја ставале во скут, во него ќе се разбуди желбата за живот. Тој се потрудил да стане и одново да оди, но не успева да го врати гласот во целост… Со текот на времето, тој ќе пее потечноно отколку што ќе успее да зборува. Дури и таквата сериозна болест не успеа да му ја одземе желбата и скромната можност да се врати на сцената.

Марјановиќ се збогуваше со публиката на 31 мај 2004 година со голем концерт во белградски „Сава центар“.