Мегафон

„Од понеделник…“ на „Кабадајас“ – прво дискографско издание на „3 Гонга“

„Од понеделник…“ на  „Кабадајас“ – прво дискографско издание на „3 Гонга“

Концертната и продуцентска куќа „3 гонга“ која е виновна за градските сесии во „Станица 26“, го издаде своето прво дискографско издание. Станува збор за вториот албум на џез-рок бендот „Кабадајас“ кој го носи насловот „Од понеделник…“ и чија концертна промоција е закажана за 25 април.

Некогашниот квартет сега продолжува како трио составено од Зоран Костадиновски на гитара, Џоле Максимовски на бас-гитара и Дино Милосављевиќ на тапани и перкусии, секој од нив етаблиран музичар со долгогодишно искуство на музичката сцена.

Имено, Џоле ја започна својата кариера во раните деведесетти, свирејќи и снимајќи со повеќе бендови. Тој беше член на еден од водечките македонски бендови „Архангел“, а како композитор се докажа и на албумите на „Сет“ и „Беневентан трио“. Исто така, настапувал до светски признати имиња како што се Влатко Стефановски, Јан Акерман, Теодосиј Спасов и Стефан Миленковиќ. Сличен опис стои и во биографијата на Дино, кој од самиот почеток се смета за еден од најнадежните тапанари и перкусионисти во Македонија, докажувајќи го овој статус со различни стилови на музика, од електро-фанк, драм-енд-бејс до џез-фјужн. Не помалку импресивна е и кариерата на Зоран, чие име е запишано во музичкото творештво на бендови како што се „Инфјуз“ и „Саут парк“, а ја делел сцената и со поп-ѕвездата Каролина Гочева.

Албумот ќе го наследи првенчето „Четири“, кое го објавија во 2012 година, а во создавањето на новиот материјал гостуваа вокалистките Марија Димитријевиќ и Светлана Јовановска Трајкоска, како и клавијатуристот и програмер Павле Васиљевиќ.