Мегафон
книгоиздаваштво

Ново капитално дело од Тошо Филиповски: „Македонска дискографија – Винили“

Ново капитално дело од Тошо Филиповски: „Македонска дискографија – Винили“

По повеќе од шест години истражувачка работа, музичкиот новинар Тошо Филиповскиво мај минатата година го промовираше првиот том од капиталното дело „Македонска рок енциклопедија“ , издание од 400 страници, со 333 македонски музички состави, со 2.000 споменати музичари и околу 400 црно-бели фотографии, како и автори од периодот од 1963 до 2018 година кои создавале на тлото на Македонија, а со тоа активно дејствувале во креирање и развој на сцената.

Додека го подготвува и вториот том, Филиповски уште лани го најави и следното капитално дело – првиот том од „Македонска дискографија: Винили (1958-2019)“, чија промоција се очекува следниот месец.

„Пријатели, поддржувачи, музичари, почитувачи на сопствената музичка историја, чувари на културното богатство… ја очекувам вашата поддршка кон уште едно капитално дело: ’Македонска Дискографија – Винили (1958-2019), Прв Том’. Нова книга = премиерна опсервација на подзаборавени артефакти од богатата македонска дискографска историја!“, соопшти Филиповски.

„Комплетно се презентирани околу 230 винилни изданија (самостојни и заеднички), на македонски артисти и бендови. Дополнително посочувам и околу 70 винилни изданија (компилации) на кои се застапени теми/песни/траки на македонски артисти и бендови. Единствена можност да уживате во повеќе од 1.500 фотографии во боја (комплетни обвивки на погоре споменатите грамофонски плочи (винили)), но и многу информации за самите изданија – еден дел официјални, но и голем дел од нив досега непознати за јавноста. Жанровски, монографијата ги претставува винилните изданија со рок, џез, блуз, електроника, хип-хоп, светска музика, поп-рок, панк, хеви-метал, реге, ска, фанк, соул и тн., музика која ја создаваат македонски музичари и бендови“,појасни тој, порачувајќи дека веќе се примаат и нарачки за претпродажба, по цена од 2.500 денари за Македонија и 40 евра плус поштарина за странство.

Книгата е во А4 формат, со тврд повез со обвивка, колор принт на речиси 450 страници. 

„Единствено во претпродажба, ќе можат да се добијат и одредени поволности/подароци кои ќе ги нема во редовната продажба. 250 примероци ќе бидат своерачно нумерирани и потпишани (по ваше барање и со посвета), и како подарок ќе следува вообичаената налепница, но и потполно НОВ компилациски ЛП (грамофонска плоча) – ’Колку гласно морам да викнам за да ме чујат?’ – со 12 ангажирани теми од исто толку македонски актуелни бендови“, појасни тој.

Исто така, достапен е и специјален пакет од „Македонската рок-енциклопедијата“ и „Македонската дискографија“ (двете нумерирани, потпишани и со посвета), со бонус-цеде „Историја на македонскиот панк“ (History of Macedonian Punk/HC Part 1 1979-2001), ЛП „Колку гласно морам да викнам за да ме чујат“ и налепници, сето тоа по цена од 4.000 денари плус поштарина. 

За купување на 5 или повеќе примероци од монографијата или 3 или повеќе „специјални пакети“, вашето име и презиме ќе бидат запишани во книгата – како ДОНАТОР.

Монографијата „Македонска дискографија: Винили (1963-2019), прв том“ ќе биде отпечатена во месец мај 2019 година, а официјалниот датум на издавање во книжарниците и точното место на промоцијата ќе бидат соопштени околу 1 мај. Издавач и овој пат е „Корпус деликти рекордс“, а тиражот ќе биде во 1.000 примероци. 

„Време е за уште едно капитално дело, од планираните десетина книги со сличен габарит, кое како крајна цел го има документирањето на што е можно поголем дел од македонската музичка историја!“, заклучи Тошо Филиповски.