Мегафон
Тажна вест

Ненадејно почина познатиот македонски виолинист Зоран Џорлев

Ненадејно почина познатиот македонски виолинист Зоран Џорлев
фото:зоран џорлев/фејсбук

Македонскиот виолинист, музичар и професор Зоран Џорлев почина на 54 годишна возраст. Тажната вест на социјалната мрежа Фејсбук каде осамнуваат коментари со сочувство ја објави неговиот внук од сестра, младиот пејач Огнен Здравковски.

Според неофицијални информации познатиот музичар починал поради компликации од коронавирус.

Џорлев беше еден од најпознатите виолинисти, почитуван меѓу колегите од музичката фела. Инаку, Зоран Џорлев зад себе ги остави сопругата Офелија и синовите Наско и Мартин.

Џорлев е роден во Струмица на 10 јануари 1967 година, каде го поминал детството.
Тој е дете на Наско и Грозда Џорлеви, а татко му бил познат композитор на народна музика и водач на оркестар. Кога бил првооделенец, со семејството се преселил во Скопје. Уште во раното детство, во Струмица, започнал да свири на труба, хармоника и гитара. Во 1977 година почнал да свири на виолина, откако претходно во музичкото училиште бил одреден да свири на пијано, зашто „немал предиспозиции за виолина“.

фото:зоран џорлев/фејсбук

Во 1989 дипломирал виолина на Факултетот за музичка уметност. Познат е по обработките и изведувањето на македонските народни и забавни композиции, обработки на филмски, џез, етно теми. Работел како професор по виолина, и бил директор на ДМБУЦ Илија Николовски Луј во Скопје. Во јануари 2011 бил назначен за директор на ансамблот за народни игри и песни „Танец“, каде останал до август 2017 година.

Сочувство до семејството.