Мегафон

На 9 март промоција на реиздадениот единствен албум на култната македонска група „Бастион“

На 9 март промоција на реиздадениот единствен албум на култната македонска група „Бастион“

Албумот „Бастион“ на истоимената скопска група, едно од култните изданија на македонската музичка сцена, повторно ќе биде издаден на плоча на 16 март, за што е заслужна издавачката куќа „АЦЦ рекордс“.

Промоцијата на реизданието ќе се одржи на 9 март во Младински културен центар (МКЦ) во Скопје, со почеток во 21 часот, при што ќе бидат присутни сите членови на бендот. Посетителите ќе имаат можност да ја купат плочата по промотивна цена, една недела пред нејзиното официјално објавување.

„Бастион“, кој содржи осум песни, е снимен во Скопје во 1983 година, а официјално издаден наредната година од „ПГП-РТБ“, на српски јазик. Овој албум е единствениот снимен материјал што произлезе од кратката соработка помеѓу пејачката и актерка Ана Костовска, музичарите Кирил Џајковски и Љубомир Стојсављевиќ и филмскиот режисер Милчо Манчевски, кој беше автор на текстовите, а го сними и спотот за „Жежок ден во Мексико“ (Hot Day in Mexico). Низ годините, албумот доби легендарен статус и никогаш не загуби од својата свежина, а групата го понесе епитетот „македонска електро-поп сензација“.

„Холивуд“, „Мистер Комплекс“, „Деца на Сонцето“ (Деца Сунца), „Месечина во шолја“ (Месец у шољи),„Молитва“ се култните песни кои се популарни до денес.

„Бастион“ е првото издание на „АЦЦ рекордс“, зад која стои Флора Питроло, чија цел е пронаоѓање на поопскурна електронска музика од 1980-ите години.

За реизданието е снимено и видео за „Деца на Сонцето“.