Живот и стил

Муслиманите го слават Рамазан Бајрам

Муслиманите го слават Рамазан Бајрам

Верниците од исламска веросиповед во земјава, како и во целиот свет, денеска го слават празникот Рамазан Бајрам, кој се смета за еден од петте столбови на исламот и празник за духовно и за телесно прочистување.

Рамазан Бајрам доаѓа по едномесечниот строг пост, во кој верниците се воздржуваа од храна и пијалоци од зора до зајдисонце. Во сите џамии, денеска се служи утрински Бајрам-намаз.  По утринската молитва, верниците ги посетуваат гробиштата на своите роднини.

Рамазан, деветиот месец во исламскиот календар, е месец кога првите стихови од Куранот му биле откриени на пророкот Мухамед пред повеќе од 1.400 години.

Во текот на Рамазанскиот пост, муслиманските верници се обврзани да даваат садакатул-фитр, милостина на сиромашните. Фитерот треба да се даде пред утринскиот Бајрам-намаз, а ако некој тоа не го направи се обврзува фитерот да го даде во текот на годината.

Рамазан-Бајрам е ден кога се сретнува моќта на богатите со слабоста на сиромашните во љубов, милост и правдина. Ден кога сиромашните се радуваат во удобностите на животот, ден кога роднините се сретнуваат во благодет и внимание еден за друг, ден кога муслиманите се соединуваат во молитви и меѓусебни посети, ден кога пријателите ги оживуваат мостовите на љубовта и елементите на блискост, ден кога благородниот дух ги простува грешките на другите и се соединува по разделбата.

По повод празникот, честитка до верниците од исламска вероисповед упати поглаварот на ИВЗ Реисул Улема, Шаќир Фетаи, со желби и „молејќи го Семоќниот Алах со Својата милост да ни ги прифати сите наши молитви, нашиот пост и сите наши дела направени за време на светиот месец“.

-Во овие празнични денови на Бајрам, ќе му се заблагодариме на Возвишениот Алах за тоа што ни овозможи да го постиме Рамазан и за благодатите што ни ги подарил. Но, да не заборавиме: во нашето славење и радост да ги вклучиме и сите луѓе кои имаат наша потреба: сиромашните, бездомниците, сирачињата, но и нашите исламски институции. Затоа, на крајот на Рамазан, сме задолжени со давање на садакатулфитр, за што Мухамед алејхи селам рекол дека со давање на садакатулфитр го прочистуваме нашиот пост. Исто така, со давањето на Фитр ги зајакнуваме институциите кои се одговорни за исламските учења и кои помагаат на луѓето кои имаат потреба од помош, вели во честитката Фетаи.

Првиот ден од Рамазан Бајрам е неработен за сите граѓани на Република Македонија.

To top