Мегафон

„Медена земја“ се враќа без Оскарите, статуетките кај „Американска фабрика“ и „Паразит“

„Медена земја“ се враќа без Оскарите, статуетките кај „Американска фабрика“ и „Паразит“

Тимот на „Медена земја“ од Лос Анџелес се враќа без Оскари, но со огромно искуство.

Американската филмска академија му додели Оксар на „Американска фабрика“ за најдобар документарен филм во 2019 година.

„Американска фабрика“ е прв филм на продуцентската компанија на Барак и Мишел Обама – „Higher Ground Productions“, продуциран за мрежата „Нетфликс“. Документарец е за кинеска компанија за производство на автостакла (Fuyao) која работи во згаснатата фабрика на „Џенерал моторс“ во Морејн, Охајо.

Режисерите го снимале од февруари 2015 до крајот на 2017 година во истата фабрика што беше тема на нивниот документарен филм од 2009 година „Последниот камион: Затворање на фабриката ЏМ“. Ги прикажува работниците по преземањето на фабриката од кинескиот инвеститор – Кинези и Американци кои преку соработката ги уриваат културолошките бариери.

За најдобар документарен филм во 2019 имаше 159 кандидати од цел свет, а по две селекции Академијата ги соопшти петте најдобри што вечерва беа во трка за Оскарот.

Во втората категорија во која беше номиниран нашиот филм „Медена земја“ – Најдобар интернационален филм, Оскарот го доби јужнокорејскиот „Паразит“, победникот од Канскиот фестивал, кој вечерва имаше шест номинации.

Оваа одлука во улога на презентер од сцената во театарот „Долби“ во Лос Анџелес ја соопшти актерката Пенелопе Круз. Наградата ја прими режисерот Бонг Џун-Хо.

Хитот „Паразит“ е црна комедија за класните разлики во јужнокорејското општество. Раскажува за сиромашно семејство кое со измами и интриги се вовлекува во домот на богати сограѓани во Сеул. „Паразит“ е меѓу филмовите со најголема заработка во националната кинематографија.

Номинирани во категоријата интернационален филм вечерва беа и шпанскиот „Болка и слава“ на Педро Алмодовар, полскиот „Корпус Кристи“ на Јан Комаса и францускиот „Клетници“ на Лаџ Ли.

И покрај ваквиот исход од гласањето за Оскарите, оваа ноќ во Холивуд е врв на успехот на „Медена земја“ чиј блескав пат беше навестен уште на неговата светска премиера минатиот јануари, со триумфот меѓу документарните филмови на американскиот фестивал „Санденс“.

Филмот на режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов, снимателите Фејми Даут и Самир Љума, продуцентот и монтажер Атанас Георгиев доби 30-ина награди на фестивали. Ја освои публиката и филмската критика со креативноста на екипата која направи совршен 85-минутен филм и со пораката на Атиџе Муратова – медот да се подели со пчелите, во чија едноставност има моќна опомена за опстанокот на планетата.

извор: Курир.мк