Мегафон

Манифестација „Рок-фест“ годинава повторно ќе заживее

Манифестација  „Рок-фест“ годинава повторно ќе заживее

Една од најстарите организирани музички манифестации во земјава „Рок-фест“, по неколкугодишна пауза, повторно се враќа. Оваа година фестивалот ќе се одржи на 27, 28 и 29 април, во концертната сала на Младинскиот културен центар во Скопје. Со ова „Рок-фест“ се враќа на старите патеки, овозможувајќи им на младите и неафирмирани бендови од Македонија да ја искусат „големата“ сцена и да го почувствуваат рокенрол-амбиентот што го носи манифестацијата.
Конкурсот за пријавување веќе е отворен и ќе трае до 1 април. Сите заинтересирани групи, без разлика на музичкиот стил што го свират, може да се пријават на е-адресата – rockfest.mk@gmail.com. Пријавата треба да содржи име на бендот, стил на музиката што ја свири, кратка биографија на групата, имиња на членовите, фотографија, контакт-телефон, адреса на е-пошта, фејсбук-страница или веб-страница, и секако снимки од најмалку три авторски песни. Не е задолжително снимката да биде професионална, таа може да биде и демо-снимка.

Како и во изминатите години, и оваа, победникот ќе го одбере публика, а за најдобрите се обезбедени и вредни награди. На победникот ќе му биде овозможено снимање на неколку песни. Освен групната награда, ќе има и поединечна, за најдобар гитарист на фестивалот, за кој ќе одлучува жири составено до познати македонски гитаристи. Најдобриот гитарист како награда ќе добие професионална гитара „јамаха“, која ја доделува продавницата за музички инструменти „До-ре-ми“ од Скопје.
Годинава, „Рок-фест“, ќе има три фестивалски вечери од кои една е натпреварувачка, а другите две се од ревијален карактер, во кои ќе настапуваат групи, кои веќе се етаблирани и реномирани на домашната рокенрол-сцена.
Покрај концертните настани, во рамките на фестивалот ќе има и голем број придружни содржини со што ќе се збогати целокупната програма.
„Рок-фест“ е најстарата организирана рок-манифестација во Македонија, низ која во изминативе повеќе од три децении, продефилирале повеќе од 1.000 рок-дружини од земјава. Востановена е во далечната 1981 година, како „Македонски рок-фестивал“, односно „Рок-фест“, за подоцна во 1991 година да го промени името во „Поп-рок фест“. Конечно во 1999 година, повторно да се врати на своето изворно име „Рок-фест“. Востановувачите на оваа манифестација, некогашниот неделник „Екран“ и Младинскиот културен центар од Скопје, пред сѐ ја имале и сѐ уште ја имаат идејата за откривање и поттикнување на младите музичари од македонскиот музички простор. Сето тоа низ еден вонинституционален, младински и неформален образец. „Рок-фест“, е замислен како манифестација на непрофатибилни и некомерцијални основи, како алтернатива на музичкиот естаблишмент. Но ни од далеку не дава само аматерски или супкултурни групи.

Низ оваа манифестација, афирмацијата ја стекнале или барем како отскочна штица ја имале многу групи, што подоцна ќе бидат фактор во македонската музичка продукција. Меѓу нив се и „Автограм“, „Цилиндер“, „Сарацени“, „Бадмингтонс“, „Мизар“, „Архангел“, „Ласт експедишн“, „Санаториум“, „Зијан“, „Ареа“, „Октавијан“, „Далтонс“, „Културно уметнички работници“, „Смат“, „Сињак“,„Верка“ и многу други. Некои од членовите на овие музички групи што своите први јавни музички чекори ги направиле токму на „Рок-фест“, подоцна станаа значајни и афирмирани музичари, а меѓу нив може да се набројат Мики Јовановски-Џафер, Ристо Самарџиев, Петар Ренџов, Ристо Вртев, Сашо Гигов-Гиш, Горан Трајкоски, Владимир Петровски-Картер, Петар Георгиевски-Камиказа, Валентино Скендеровски и многу други.

Меѓу овие имиња мора да се спомене и Бубо Каров, познат од хумористичната емисија К-15, кој своевремено свиреше бас-гитара во кавадаречката рок-група „Токму така“, која е единствена група што победила двапати на „Рок-фест“, во 1983 и во 1985 година. Самата листа покажува дека практично денес во Македонија, нема етаблирано музичко име што не поминало по скалилата на „Рок-фест“.

Извор:Нова Македонија