Мегафон
летни фестивали

Лозано и Ален Исламовиќ главни ѕвезди на „Фестивалот на трубите“ во Пехчево

Лозано и Ален Исламовиќ главни ѕвезди на „Фестивалот на трубите“ во Пехчево

Македонската ѕвезда Влатко Лозаноски и поп-рок пејачотАлен Исламовиќ со својот бенд „Кад би био бијело дугме“ ќе бидат главни ѕвезди на деветтото издание на Фестивалот на дувачки оркестри што од 12 до 13 јули ќе се одржи во Пехчево, во организација на локалните власти.

„После повеќе од девет години на сцената, навистина дојде време за сигурно еден од најквалитетните вокали на Балканот во моментов да има концерт во Пехчево и токму на најреномираниот фестивал во Малешевијата и регионот. Момчето, кое има безброј хитови, три студиски албуми и награди на над 20 фестивали во Македонија и во регионот, на 12 јули, на отворањето на Фестивалот на дувачки оркестри Пехчево 2019 ќе се претстави пред пехчевската публика. ’Сонце не ме грее’, ’Ова лето ќе се памти’, ’Јако јако’, ’Километри’, ’Надеж’, ’Мандарина’ и уште многу други песни што ја одбележаа кариерата на Лозано, ќе прозвучат во живо на плоштадот во Пехчево на деветтото издание на Фестивалот на дувачки оркестри Пехчево 2019“, стои во најавата за концертот на Лозано.

„Традицијата на трубите во Малешевијата, понудена како атракција на натсвирување на македонските виртуози на труба, претставува туристичка понуда за гостите во Малешевијата, но и економски бенефит за локалната економија. Исламовиќ, пак, на 13 јули ќе одржи голем концерт на плоштадот Св. Петар и Павле во Пехчево. Публиката ќе има ретка привилегија заедно со него да ги отпее сите негови старо-нови хитови во еден здив“, посочија од општината Пехчево.

На фестивалот ќе настапат и бендовите „Брас брадрс“, „Уска Кан“, „Џафер бенд“ и „Сенад бенд“. Општината објави и повик до сите млади таленти од Пехчево кои сакаат да учествуваат на манифестацијата, да се пријават најдоцна до 1 јули.