Мегафон
концерт

Лиса Џерард и „Мистеријата на бугарските гласови“ во Скопје

Лиса Џерард и „Мистеријата на бугарските гласови“ во Скопје

На 8 октомври во Македонската филхармонија концерт ќе одржи маестралната Лиса Џерард со нејзиниот последен проект со женскиот хор од соседна Бугарија, добитничките на престижната награда Греми – „Мистеријата на бугарските гласови“ (The Mystery od the Bulgarian Voices). 

По потекло од ирски емигранти, Лиса Џерард е родена и живее во Австралија, каде што и ја започнува својата кариера пред речиси 40 години. Прилично експерименталната пост-панк музичка сцена на крајот на 70-те во Мелбурн ја спојува со Брендан Пери, со кого во 1981 го создаваат уникатниот проект „Дед кен денс“ (Dead Can Dance), кој опстојува и денес со неколку креативни прекини.

„Дед кен денс“ се неприкосновен и по многу нешта автентичен музички состав, кој обединува два вокали, кои со својата моќност и боја како да го сликаат почетокот или крајот на светот. Лиса Џерард и Брендан Пери својата инспирација изминатите декади ја црпат од племенското, окултното, световното, но и од земското, профаното постоење. Нивната музика може да ве потсетува на сѐ претходно доживеано и чуено, но и на ништо, да ви биде комплетно нова и свежа. Во професионалната биографија на Лиса Џерард се впишани неколку соло-проекти, како и музика за филм, на кои таа се потпишува и како авторка, но и како изведувачка. Така, за музиката за епскиот спектакл „Гладијатор“, таа и композиторот Ханс Цимер беа наградени со Златен глобус.

„Мистеријата на бугарските гласови“ се женски хор од Бугарија, кој опстојува од средината на минатиот век и го негува автентичниот бугарски мелос, зачинет со нереално, самовилско пеење. Светот за првпат слушна за овој хор на крајот на 80-те години на минатиот век, кога хорот го издаде својот епонимен албум „Le Mystère des Voix Bulgares“, кој се продаде во огромен тираж и хорот ги освои светските сцени со своето мистично акапела-пеење. Нивниот втор албум „BooCheeMish“, се појави по речиси две декади и на него тие соработува со Џерард, со која иако потекнуваат од различни култури, создаваат една природна бајколика симбиоза.

Концертот на Лиса Џерард и „Мистеријата на бугарските гласови“ ќе се одржи во Филхармонијата, на 8 октомври 2019 година. Влезниците по промотивна цена се веќе пуштени во продажба во билетарницата на МКЦ и онлајн на bileti.mkc.mk.