Мегафон

Крсте Роџески новиот албум „The Rabbit and the Fallen Sycamore“ кој „Даунбит“ го вброи меѓу најдобрите за 2018 го промовира и во Скопје

Крсте Роџески новиот албум „The Rabbit and the Fallen Sycamore“ кој „Даунбит“ го вброи меѓу најдобрите за 2018 го промовира и во Скопје

По њујоршката промоција, „The Rabbit and the Fallen Sycamore“ ќе биде промовиран и во Скопје, вечер, среда, 19 декември, во кафе „Винил“, со почеток во 21.00 часот.

„The Rabbit and the Fallen Sycamore“ е, всушност, третиот дел од трилогијата „Апоптоза“ (Apoptosis)на Роџевски, по првенецот „Batania“ и неговиот наследник „Bitter Almonds“. Албумот, како и претходните два, го издаде „Мач прифр рекордс“ (Much Prefer Records), го продуцираа Тома Фуџивара и Крсте Роџевски, а го миксаше легендата Бил Ласвел. Импресивната екипа музичари на оваа плоча, предводена од Роџевски, ги вбројува Мери Халворсон (гитара), Крис Дејвис (пијано), Ингрид Лауброк (саксофон), Брајан Драј (тромбон), Мајкл Бланко (бас) и Тома Фуџивара (тапани).

Инаку, најпознатото и највлијателно џез-списание „Даунбит” (DownBeat) во својот најнов јануарски број го вброи актуелниот албум на Крсте Роџевски – „The Rabbit and the Fallen Sycamore“– во својата листа на најдобри албумски остварувања во 2018 година, во којашто се најдоа и последните албумски објави на Брајан Ино, Вадада Лео Смит, Дејв Холанд, Џо Ловано и Дејв Даглас, Бред Мелдау, Џошуа Редман, Камаси Вошингтон, Ник Барч Ронин, Метју Шип и други великани на џез музиката денес. Ова е несомнено едно од најголемите признанија што некој македонски музичар го има било кога добиено од реномираната светска музичка критика.

Третиот студиски проект на Роџевски доживеа блескави критики и рецензии и во другите влијателни музички списанија, магазини и вебзини како: „Вајр“ (WIRE), „Стереогам“ (Stereogum), „Ол абаут џез“ (All About Jazz), „Џез корнер“ (Jazz Corner), „Џез викли“ (Jazz Weekly), „Авант мјузик њуз“ (Avant Music News), „Бродвеј ворлд“ (Broadway World) и други.