Мегафон
промоција

„Кон Исток“ – заеднички проект на Бајса Арифовска и Душко Георгиевски

„Кон Исток“ – заеднички проект на Бајса Арифовска и Душко Георгиевски

„Кон исток“ е насловено цедето со изворна македонска музика од источниот регион, заеднички проект на Бајса Арифовска и Душко Георгиевски, кое ќе биде промовирано в среда, 18 јули, во Музејот на македонската борба во Скопје, како дел од програмата на културната манифестација „Скопско лето 2018“.

Некои од десетте песни и инструментални нумери што ги одбраа Бајса и Душко ќе бидат вистинско изненадување за љубителите на овој вид музика, бидејќи досега не се јавно промовирани, иако од колено на колено се пееле во крајот каде што се создадени: Малешевијата, Овче Поле, пиринскиот дел на Бугарија. Промоцијата ќе биде збогатена со изведба во живо на неколку песни, во придружба на оркестар на народни инструменти и вокална група.

„Снимањето на цедето ’Кон исток’, на кое се забележани 10 песни, беше повод за уште еден мој музички предизвик и професионална дружба со Душко Георгиевски. Првичната идеја беше да ја промовираме источната ризница на изворна музика. Сакавме од крајот од кој потекнуваме да го собереме она што не се собрало досега и да оставиме трага. Собравме многу изворни песни и мислам дека ќе има и втор дел на овој албум. Работевме со големо задоволство, чепкавме, истражувавме уште еднаш докажувајќи си и себеси и на другите дека за убавата песната нема граници. Некои од песните ги знаев од сопствената фонотека, некои други сум ги запаметила уште како дете, слушајќи како ги пеат моите во Берово, а имам и едно авторско дело, ’Русинско соборско оро’. Голем впечаток ми остави убавата ’Гуна болна лежи’, четворка со ритам на ’Малешевско оро’, па ’Ранила мома’, која потсетува на ’Ратевско оро’, ’Жени ме мамо’, која се пее во Малешевијата и во Пирин, но и во западниот дел на Македонија, а своевремено ја снимил и Александар Сариевски“, изјави Бајса Арифовска за „Нова Македонија“.