Мегафон

Извонредниот Павле Камилоски се здоби со признанието „Амбасадор на италијанската музика за 2019 година“

Извонредниот Павле Камилоски се здоби со признанието „Амбасадор на италијанската музика за 2019 година“

Извонредниот баритон Павле Камилоски со својот музички талент и уметнички квалитет заради кои е веќе препознатлив на меѓународната музичка сцена, се здоби со признанието „Амбасадор на италијанската музика за 2019 година во Источна Европа“.

Во Неапол, Италија на 9ти ноември 2019 година се одржа мултидисциплинарната конференција на тема „Неапол против криминалот. За Животот, Идните генерации и Семејството. Законитост, одговорност и безбедност на граѓаните. Медицински иновации, истражувања, психологија, здравство, психијатрија и науки“ на чиј крај се одржа гала вечер и беа доделени меѓународни награди за 2019 година кои се состојат од доделување на трофеј и комеморативен медал на авторитативните личности кои се одликуваат со својата активност во областа на културата, уметноста, музиката, спортот, медицината, науката и новинарствотото, предводена од Гувернер, Генерал, Професор, Доктор Катело Мара, каде што Павле Камилоски беше награден за заслугите кои тој досега ги стекнал со неговата професионална работа. Воедно  му се доделува престижна награда и за неговиот музички проект „Мала Италија Патува“ и неговата вродена  љубов и талент за медитеранската музика и безвременските музички креации.

По примањето на престижната награда, Павле настапи со својот репертоар во Салонот Маргарита пред еминентната публика.

Павле Камилоски е главната ѕвезда и мотивација на проектот „Мала Италија Патува“, настан на кој се изведуваат познати италијански музички дела, безвременски ноти и џез евергрини, кои воедно претставуваат основи на медитеранската култура, а истите ги исполнува во различно светло. Оваа мелодиска програма се одржува веќе 5 години по ред и е единствена од својот вид на македонската музичка сцена.

Покрај соло концертите и успехот постигнат во матичната земја, Камилоски ја шири својата публика интернационално. Бројните гостувања во регионот и самостојниот предновогодишен концерт во Софиjа, Република Бугарија, го потврдуваат огромниот успех и одличните критики за проектот.

2019та година за Камилоски е година за која ќе каже: “Ова е година која ми го оствари сонот”.

Престижното признание силно ги истакнува заслугите досега стекнати со професионалната работа и музичкиот талент на Камилоски, како и за вродената љубов за медитеранската музика, за раѓањето на нова мелодиска програма и воведување на нови и поинакви вечери во нашата земја, кои придонесуваат за зголемен интерес  на овој вид настани од светска класа.