Мегафон

Интернационален детски фестивал на театар на сенки „Сонот на облачето”

Интернационален детски фестивал на театар на сенки „Сонот на облачето”

Со изведба на шпанската претстава „Светлосни години” вечер во 19:30 часот во киното Фросина во Младинскиот културен центар ќе биде отворен 7.Интернационален детски фестивал на театар на сенки „Сонот на облачето”.

Како единствен фестивал од овој тип во поширокиот регион, фестивалот „Сонот на облачето” успешно придонесува кон интернационална и локална афирмација на театарот на сенки, а воедно е и една од ретките манифестации кај нас, што во континуитет прикажува претстави од странска продукција пред детската македонска публика, истакнуваат од Театарот „Сенки и облаци”, кој е организатор на Фестивалот.

Во продолжение на фестивалското издание, утре 18 часот, најпрво ќе биде прикажан анимираниот филм со сенки „Црна школа” – проект на младиот Фабијан Штроебер од Германија, кој по проекцијата ќе одржи презентација за креативниот процес на изработка на анимацијата. Веднаш потоа, со почеток од 19:30ч по втор пат во Скопје гостуваат Cia Quase Cinema од Бразил, овој пат со нивната најнова претстава „Циркус анимус”.

Последната фестивалска вечер на 27 ноември, ќе ја одбележи изведбата на претставата „Алиса и чудата“ во 19:30 часот од Театарот „Сенки и облаци”. Во текот на фестивалот ќе биде одржана и бесплатна работилница со Cia Quase Cinema и Бразилскиот културен центар. Ќе биде поставена и изложба на традиционални кинески кукли за театар на сенки изложени во умешно изработената сценографија од страна на дечињата кои ја посетија работилницата за вешто сечење хартија под водство на Институт „Конфуциј” при УКИМ и Театар „Сенки и облаци”.

Во фоајето на МКЦ ќе биде поставена инсталацијата „Облаче за секое дете”, продажна изложба на светлосни објекти за кои инспирација се небото, облаците и детската слобода. Делата се креирани од реупотребени материјали во рамките на ХОПС, а средствата собрани од продажбата се наменти за децата со кои ХОПС соработува. Билетите за Фестивалот се во продажба на билетарницата на МКЦ по цена од 150 денари, како и онлајн на https://bileti.mkc.mk/.

извор: Култура