Мегафон

Ел-Пи ќе го го отвори, а Дејвид Гета го затвора „Егзит 2018“!

Ел-Пи ќе го го отвори,  а Дејвид Гета го затвора „Егзит 2018“!

Откако светските медиуми неодамна го прогласија „Егзит“ за „најголем досега“, оваа година како ниедна претходно, од главната фестивалска бина ќе одекнуваат бројните хитови на денешницата! Иако некои од медиумите овогодинешната програма веќе ја прогласија за „агресивна“, вистината е дека конечната листа со главни ѕвезди ќе биде двојно подолга! Првите ѕвезди од новиот бран се веќе тука! Главната бина во четврток на 12 јули ќе ја освои незапирливата американска рок кант-авторка Ел-Пи (LP), која ја освои светската музичка сцена со синглот, „Lost On You“, една од највпечатливите љубовни песни на оваа деценија, но и преку соработките со Ријана, Кристина Агилера и бројни други ѕвезди.

Големото музичко финале, пак, и спектаклот за затворање на главната бина во недела, на 15 јули, ќе биде под диригентската палка на најголемиот светски хитмејкер и францускиот танцов Голијат – Дејвид Гета! Најуспешниот музички продуцент на 21. век и единствениот диџеј кој има продадено 50 милиони албуми и синглови, се враќа на еден од своите омилени фестивали каде беше поканет и пред 12 години додека го градеше патот до денешниот статус на музичка икона! За неговата водечка позиција во музичката индустрија говорат и податоците, односно Гета зад себе има над девет (9!) милијарди прегледи на Јутјуб и над 100 милиони обожаватели на социјалните мрежи!

Најголемиот хитмејкер на денешницата, Гета зад себе има бројни награди, две Греми и песни кои ги има продуцирано со најголемите музички имиња како што се Дејвид Боуви, Ријана, Снуп Дог, Сиа, Ники Минаж, Емели Санде, Ејкон, Авичи и многу други, а од неодамна ја објави и втората заедничка нумера со помладиот пандан, Мартин Гарикс. Песната „Like I Do“, полнокрвниот хит во најава, Гарикс ја изведе и на затворањето на овогодинешните Зимски олимписки игри во Пјонгчанг! Моментално невозможно е да се избегне на радио уште еден хит „So Far Away“, додека во етерот се и подеднакво свежите и заразни синглови, „Mad Love“ – кој Гета го сними со ѕвездата од минатогодишниот фестивал „Си денс“ – Шон Пол, и еден од најголемите хитови од минатата година „2U“ со Џастин Бибер. Моментот дека на овој познат Французин очигледно не му е комплицирано да создава хит по хит, говори и фактот дека песната  „Complicated“, за која соработува со хедлајнерите на овогодинешниот фестивал „Си стар“ и „Скопје колинг“, дуото Димитри Вегас и Лајк Мајк, по единасетти пат го освои првото место на листата на „Билборд денс“.

Лаура Перголизи е рокерката со бунтовничко педигре која ја споредуваат со Џони Кеш и Стиви Никс, додека нејзините кадрици и одело неодоливо потсетуваат на Боб Дилан. Оваа млада артистка од Њујорк со адреса во Лос Анџелес веќе остави трага како уникатна уметница, одлична авторка и рок ѕвезда во најдобра смисла на зборот. Користејќи го укулелето и продорниот глас исполнет со фини емоции, Ел-Пи се изгради веќе во препознатлива ѕвезда. Додека самостојната кариера ѝ се „крчкаше“, талентот го користеше пишувајќи хитови за Ријана, Шер, Бекстрит Бојс и многу други, а веднаш по објавувањето на албумот „Forever for Now“, таа стана миленичка на критичарите. Кратко потоа го оствари и-пи албумот „Death Valley“ кој ја катапултираше во светската стратосфера, благодарејќи на главниот сингл, „Lost on You“ кој брои над 260 милиони прегледи на Јутјуб, како и преку 75 милиони стримови на Спотифај. Дури и нумерата „Muddy Waters“ го пронајде своето место во четвртата сезона на популарната серија „Портокаловата е новата црна“ (Orange is the New Black)! Нижењето на ваквите успеси природно ја доведе до издавање на новиот студиски албум, „Lost on You“, со кој тргна на големата американска турнеја по која доаѓа и на овогодинешното отворање на „Егзит“ каде сировата енергија на борбената њујорчанка ќе го поведе годинешното мото на фестивалот: EXIT Freedom!

Фестивалот „Егзит“ ќе се одржи од 12 до 15 јули на Петроварадинската тврдина во Нови Сад и ќе ги претстави некои од најбараните светски ѕвезди како што се: „Мигос“, Дејвид Гета, Зиги Марли, Фивр Реј, Ел-Пи, Алис Мертон, Нина Кравиц, Ричи Хотин, Адам Бејер со Ајда Енгберг, Масео Плекс, Соломун, Амели Ленс, Бен Клок, Џекс Џонс, „Офенбах“, „Слепшот“, „Дог ит дог“, „Слејвс“, „Ајдлс“, Махмут Орхан, Карл Крег, „Тејл оф ас“, Севдализа, Бурак Јетер, „Медбол“, „Врухерија“, „Бомберс“ и многу други. Влезниците по промотивна цена со 60% попуст од финалната, за 3.580 денари се продаваат во Југотон (Скопје, ГТЦ, 1 кат) , а на сајтот на официјалната туристичка агенција, exittrip.org се достапни и туристички пакети кои покрај влезницата, содржат можности за сместување и превоз до ЕГЗИТ фестивал.

Извор:РадиоМК